Почетна
Македонија

Машкото здравје не смее да биде табу – превентивни прегледи за рак на простата

Лекарите и организаторите повикуваат на рано тестирање и на рушење на табуата околу машкото здравје.

·Македонија
Машкото здравје не смее да биде табу – превентивни прегледи за рак на простата

Од вчера до денеска повеќе од 100 граѓани ја искористиле можноста за бесплатни прегледи во рамки на акцијата за превенција на рак на простата, велат организаторите, кои повторуваат апел да се зголеми учеството на мажите во превентивните програми.

Превенција и препораки

Препораката е мажите да почнат со превентивни прегледи на 50-годишна возраст, а оние со семејна историја на заболувањето уште од 45 години. ПСА‑тестирање се советува на секои две години доколку резултатите се уредни; при отстапувања е неопходна консултација со лекар.

Граѓаните кои ја посетиле акцијата оценуваат дека свеста е променлива. „Средно. Гледам луѓе и се плашат и немаат време да одвојат. Но треба барем еднаш гоишно треба да се дојде да се провери,“ рече еден учесник. „Ова е пожелно за машката популација за здравјето, особено после 50-та година треба,“ додаваат други.

Директорот на Здравствениот дом „Железничар“, Спасе Јанев, апелира дека машкото здравје не смее да биде табу. „Целата група, оние кои се најважни веќе околу 50-тата година ни треба да биде тестиран, оние кои најмногу ги избегнуваа превентивните прегледи. Оние каде што заштитата на машкото здравје сеуште е табу тема. Ние веќе ги рушиме тие табуа, превенираме и работиме на рано откривање на случаи или велиме се е во ред само продолжете на соодветниот временски период да извршите превентивно тестирање,“ изјави Спасе Јанев.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, ги потврди предностите на ПСА‑тестот: „Се што треба да направите е едно боцкање на прстот за рано откривање на рак на простата и да си заштедите себеси многу болнички денови и многу лекарства. ПСА тестот е единствениот кој е дијагностички. Единствениот кој може да се користи за рано откриравње на рак. Сите тестови остаанати се за следење на веќе откриен рак,“ рече Клековски.

Организаторите, здружението „Џентлмен клуб“, велат дека целта е акцијата да се прошири на цела држава и да се овозможат бесплатни превентивни прегледи за што поголем број мажи. Тие предупредуваат дека мажите почесто ги сервисираат своите автомобили отколку што се грижат за сопственото здравје — навика што, велат, треба да се промени.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи