Почетна
Спорт

Матеја Масев: Чувството да се игра за Македонија е непроценливо

Капитенот Матеја Масев и стрелецот Стефан Ристиќ со четири гола ги водат младите кон последниот дуел во групата против Турција.

·Спорт
Матеја Масев: Чувството да се игра за Македонија е непроценливо

Македонската репрезентација до 17 години се пласира во следната фаза на квалификациите во Турција откако во првите две кола забележа две победи, со што ја задржа надежта за прв историски настап на Европското првенство. Последниот дуел во групата го игра утре против домаќинот Турција, по триумфите над Унгарија и Сан Марино.

Капитенот Матеја Масев, стопер со целосна минутажа и во клубот и во репрезентацијата, се покажа како еден од столбовите на тимот. Најдобриот стрелец за Македонија на овој турнир до сега е Стефан Ристиќ, кој постигна четири гола.

Претпазливо оптимистични

По успесите, Масев го оцени значењето на постигнатото и нагласи дека тимот не сака тука да застане: "Ви благодарам многу за честитките! Овој успех ни значи многу на сите, особено што ова е наше прво европско натпреварување. Напорно работевме и се подготвувавме за овие натпревари. Сметам дека имаме навистина добра генерација и одлична атмосфера во тимот. Среќни сме што остваривме напредок, но не сакаме да застанеме тука и се надеваме дека ќе продолжиме со добри резултати".

За капетанската функција тој дополнува: "За мене е голема чест да бидам капитен на Македонија. Посебно чувство е да ја претставуваш својата земја, а уште поголема одговорност е да бидеш капитен. Мило ми е што селекторот и соиграчите имаат доверба во мене. Се трудам секогаш да го дадам својот максимум и да го поддржувам тимот, како на теренот, така и надвор од него".

Младата репрезентативна ѕвезда, првотимец на Црвена Звезда, зборува и за возбудата околу личниот талент и притисокот: "Искрено, убаво е да се слушне кога некој ве смета за голем талент. Тоа навистина многу ми значи и ми дава уште поголема мотивација. Но, знам дека ова е само почеток и дека имам уште многу да работам и да учам. Се разбира, постои одреден притисок, но се трудам да не размислувам премногу за тоа. Го сакам фудбалот, уживам во она што го работам и давам сè од себе за секој ден да бидам подобар". Тој е син на некогашниот македонски интернационалец и репрезентативец, Дени Масев.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи