Матлиески: „Мулти Есенс е вистинското место за развој на младите“
Новиот тренер Никола Матлиески најавува комбиниран пристап: резултати во Суперлигата и системска работа со млади таленти.

Новата, 35. сезона во машката ракометна Суперлига ја отвора серијата предизвици за клубови и играчи, а РК Мулти Есенс се враќа во елитата за сезоната 2026/27 со јасна намера: резултатите да дојдат паралелно со развојот на младите.
Матлиески го презема кормилото
Никола Матлиески е новиот тренер на РК Мулти Есенс, а во неговиот стручен штаб влегуваат и Никола Маркоски, кој ја размени играчката за тренерска улога, и Златко Даскалоски, кој сега ќе биде целосно посветен на тренерската работа. Клубот уредно ќе ги воведе младите ракометари во суперлигашките дуели, што ќе биде посебен предизвик за сите.
Матлиески, со долгогодишно искуство во работа со младински категории и национални селекции, ја нагласува значајната улога на клубот како преодна станица: "РК Мулти Есенс е развоен тим составен од талентирани македонски ракометари кои во најголем дел минале и низ младинскиот систем или се неизоставен дел од младинските репрезентации. РК Мулти Есенс го претставува мостот преку кои ракометарите ќе преминуваат една во друга категорија, заклучно со најважниот, преминот од младински во сениорски ракометари."
Тој предупреди на ранливоста на тие фази: "Сите овие фази се многу чувствителни, затоа што најчесто во овие премини ги губиме играчите. РК Мулти Есенс ќе биде место каде што тие ќе се чувствуваат сигурно, ќе растат и ќе се подготвуваат за големите предизвици, преземање на одговорноста и потоа како финални производи ќе ја продолжат кариерата. Ќе работиме и ќе помагаме на сите полиња, затоа што целта не е само да произведеме играч, туку комплетна личност “.
Во спортскиот план, стратегијата е двопартитна: краткорочно да се гради победнички менталитет и да се обезбеди опстанок во Суперлигата, а долгорочно да се унапредуваат техничките, тактичките и физичките капацитети за ривалство во РК Алкалоид и во репрезентативните селекции. Матлиески истакна дека играњето против искусни и неретко засилени противници е неопходно за растот на младите ракометари.
За стилот и подготовката, тој додаде: "Не само што нема да отстапиме од стилот на брзата игра, туку ќе настојувам да го подобриме и да внесам и мои идеи. Првенствено сакам да ги подобрам индивидуалните карактеристики на ракометарите. Брзо размислување и брзо дејствување. Да ги развијам нивните способности да се снаоѓаат во различни ситуации, брзо да носат решенија и да размислуваат и на повеќе решенија во дадена ситуација. Ние за секој противник се подготвуваме во еден мини циклус на тренинзи, анализираме, бараме солуции." Тој исто така нагласи дека зад тимот стои сериозна компанија која обезбедува одлични услови за работа.
За соработката со новите помошници, Матлиески порача: "Одлично соработуваме со Никола Маркоски и Златко Даскалоски. Двајцата имаа акумулирано големо ракометно искуство, биле дел од големата сцена и знаат како функционира играта. Млади тренери се и желни да го пренесат знаењето и да ги корегираат младите ракометари. Задоволство ми е што соработувам со нив, тие се голема помош и придонес и сметам дека заедно можеме да направиме многу добри работи за тимот и за македонскиот ракомет."
Фото: прес-материјал од настанот


