МДТ: Ревизорските наоди откриваат наследени проблеми стари повеќе од една деценија
Ревизорскиот извештај нотира набавки без тендер, непополнети работни места и нецелосна евиденција; МДТ одговара дека ги наследила проблемите од МИОА.

Министерството за дигитална трансформација (МДТ) оценува дека наодите од ревизорската контрола за основниот буџет за 2024 година откриваат проблеми кои се наследени од поранешното Министерство за информатичко општество и кои се акумулирале повеќе години, а дел од нив и повеќе од една деценија.
Во ревизорскиот извештај ревизорите нотираат набавки без тендер, непополнети работни места, неосигурени објекти, нецелосен попис и нерасчистена евиденција на имот. Во писмената реакција МДТ наведува дека при формирањето на институцијата во 2024 година наследиле нецелосни евиденции, нерешени имотно‑правни прашања, судски постапки и административни пропусти кои претходно не биле соодветно адресирани.
Министерството најавува корективни мерки
Од МДТ посочуваат дека целосен и суштински попис на имотот не бил направен изминатите 10 години, што резултирало со сериозни неусогласености помеѓу фактичката состојба, сметководствените записи и расположливата документација.
„Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност“, се вели во соопштението од МДТ.
Министерството нагласува дека веќе презема активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот. Дел од забелешките, како што велат, се веќе надминати, а за останатите се спроведуваат конкретни корективни мерки.
Во врска со наследените судски постапки, МДТ потврдува дека има предмети кои произлегле од одлуки и обврски создадени во претходните години. „Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат“, се додава во соопштението.
За наодите поврзани со јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, министерството појаснува дека дел од исплатите се вршени за набавки направени за други институции каде МДТ бил корисник — на пример за чистење и обезбедување објекти, службени патувања и телефонија. Министерството истакнува и дека е свесно за предизвиците со недостиг на кадар, што се влошува поради разликите во платите меѓу јавниот и приватниот ИТ сектор. „Свесни сме и за предизвиците со недостигот од кадар, кои дополнително се усложнуваат заради разликата во висината на платите во државниот и приватниот ИТ сектор. Зајакнувањето на административните и стручните капацитети останува еден од приоритетите на Министерството“, појаснуваат од МДТ.
Во извештајот од Државниот завод за ревизија е нотирано дека постојат нецелосни податоци во евиденциите за недвижности и основни средства, недостаток од документација за јавни набавки, доцнења при евидентирање на фактури и слабости во внатрешната контрола. Поради овие слабости, ревизорите наведуваат дека не можеа да обезбедат доволни податоци и докази за да се изрази мислење за финансиските извештаи на Министерството, додека за законитоста е дадено мислење со резерва.
Фото: прес-материјал од настанот


