Мече фатено во примка на Јакупица ослободено
Ловџии од „Руен“ и тимови од инспекторатот, МЕД, СВР Велес и Скопската зоолошка градина учествуваа во спасувањето.

Вчеравечер на планината Јакупица, во велешко, беше спасено мече фатено во примка откако го пронашле ловџии од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес.
„Бевме на лов кога слушнавме рикање на мечка. Тоа беше силен лелек. По звукот го пронајдовме мечето. Беше агресивно од болка, но бараше спас од нас. Со мили очи гледаше да го спасиме, ама не дозволуваше да се приближиме. Во близина беше и неговата мајка, која гледаше што се случува. Веднаш пријавивме во ловното друштво“, вели еден од ловџиите кои ја пронашле мечката.
Координирана акција на терен
Во спасувачката акции учествуваа двајца инспектори од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), членови на „Руен“, претставници на Македонското еколошко друштво (МЕД), службеници од СВР Велес и ветеринар од Скопската зоолошка градина. Тимовите на лице место ја обезбедија областa и ослободија мечето од замката.
Целта на интервенцијата, како што посочија учесниците, беше да се намали болката на мечето и да се избегне ризик од судир со мајката која останала во близина. По ослободувањето, ветеринарот го прегледа младенчето и беше превезено за понатамошна нега.
Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека соработката меѓу ловците, невладиниот сектор и институциите била клучна за брзата интервенција. Дополнителни податоци за здравствената состојба на мечето и видот на примката не беа објавени; најавено е продолжено следење за да се утврди дали мечето ќе се врати во дивина или ќе бара подолгорочна нега.
Фото: Државен инспекторат за животна средина)


