Мицкоски: Ако опозицијата бара предвремени избори, ќе одговориме — и ќе ги победиме
Мицкоски вели дека власта има мандат за четири години, но не ќе се плаши од избори и ќе преговара за уставните измени и правата на заедниците.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека доколку опозицијата побара предвремени избори, владината коалиција нема да остане настрана и дека ќе одговори на тоа барање позитивно, со увереност дека ќе победи.
На прашање пред почетокот на Амбасадорскиот совет за барањата за предвремени избори, Мицкоски истакна дека граѓаните не бараат избори, туку реформи и континуитет на процесите, додавајќи дека перформансите на оваа влада се 3:1 во споредба со претходната.
Во својот одговор за можните избори, тој рече: „Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме влада 4 години, но доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме настрана, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“.
Уставни измени и прашање на заедниците
Премиерот зборуваше и за прашањето дали уставните измени со одложено дејство се вратени на маса како алатка за надминување на спорот со Бугарија, и дали по одморите ќе следуваат разговoри со опозицијата за да се пробие застојот во Собранието предизвикан од Бадентеровото мнозинство.
„Политиката се темели на разговори, јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај ние ќе продолжиме да разговараме. Се разбира, ние знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ние ќе се обидеме да го изнајдеме решението и за првото прашање и за второто“, рече тој.
Во врска со изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека го поддржува проширувањето на Европската Унија но бара исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во Македонија, Мицкоски посочи дека Уставот нуди сериозна заштита за сите граѓани. Тој додаде дека, иако Бугарија има ратифицирано обврски, постојано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО Илинден Пирин, и покрај десетина пресуди од Судот за човекови права во Стразбур.
Мицкоски рече дека досега не е иницирана средба на кое било ниво, но дека е подготвен да преговара кога постојат реални услови за резултат. „Јас сум подготвен во кој било момент да разговарам, но средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење нтиу на своето ниту на неговото време, очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближи позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен“, заклучи премиерот.
Фото: прес-материјал од настанот