Почетна
Македонија

Мицкоски: Алта банка е ликвидна и нема да банкротира како Еуростандард

На надзорната расправа Мицкоски кажа дека институциите постапиле навреме и дека ќе се бара решение за заштита на граѓаните и државата.

·Македонија
Мицкоски: Алта банка е ликвидна и нема да банкротира како Еуростандард

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на надзорната расправа во Собранието за Алта банка изјави дека како државотворен политичар ќе работи на пронаоѓање решение и нема да го игнорира проблемот.

Мицкоски нагласи дека ќе влезе во процес со цел најпрвин да се спасат вработените во самата банка, а потоа и доверителите, додавајќи дека банката е ликвидна и дека Народната банка навремено интервенирала „по книга“ за да ја зачува институцијата.

"Стојам на ставот, не само јас, претпоставувам и сведоците што следуваат, дека оваа банка е апсолутно ликвидна банка, дека нашиот систем има механизми тоа да го одржи стабилно и дека нашиот систем во рамките на функционирањето на оваа банка ја одржал таква каква што е. Механизмите што ги имаат на располагање во Народната банка навремено интервенираа, и според сите познавачи што ги консултирав, сите тие велат дека апсолутно навреме е постапено, како по книга, сѐ со цел да се спаси ова финансиска институција," нагласи Мицкоски.

Споредба со Еуростандард

Премиерот предупреди дека чекорите што се преземени и оние што следуваат се направени за заштита на интересите на граѓаните и на државата и дека Алта банка нема да банкротира како што беше случајот со Еуростандард за време на владеењето на СДСМ.

"Конечно, на крајот, ќе дојдеме до решение и оваа банка нема да банкротира како што тоа беше случајот со Еуростандард, која банкротира откога неколку дена претходно, министер за финансии, министер во владата на СДСМ и ДУИ, си го подигна својот штеден влог, што претставува нешто скандалозно. Тоа е суштината во овие работи," изјави премиерот Мицкоски.

Во однос на разговорите со гувернерот Трајко Славески, Мицкоски рече дека во изминатите денови една политичка партија шири невистини и дека е логично премиерот да добива информации за аквизиции од Народната банка, а не од медиумите.

"Јас не знам како поинаку тоа би функционирало, освен на тој начин на кој функционира еден систем. Ако не е така, тогаш е стихија, а тогаш имаме навистина проблем. Не би сакал, додека јас сум претседател на Владата, ниедна институција да има проблем. Во кое својство јас ја нудам, продавам или како сѐ не ме нарекоа. Јас во ниедно својство, имам легитимитет од приближно 450.000 граѓани, кои на последните парламентарни избори ѝ ја дадоа довербата на коалицијата што ја предводам и ако на тоа се додадат гласовите на коалициските партнери, кои ги добија на парламентарните избори, тогаш доаѓаме до бројка која е над 600.000 гласа," потенцира Мицкоски, бранејќи го својот ангажман во процесот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи