Почетна
Македонија

Мицкоски: Државата е енергетски стабилна, очекувано поевтинување на горивата и нов ребаланс на Буџетот

Премиерот најави намалување на цените на дизелот и бензинот, завршеток на ремонтите во РЕК и формален ребаланс на Буџетот до крајот на октомври.

·Македонија
Мицкоски: Државата е енергетски стабилна, очекувано поевтинување на горивата и нов ребаланс на Буџетот

Државата е енергетски стабилна и апсолутно подготвена за претстојната грејна сезона, изјави премиерот Христијан Мицкоски при увидот на градежните работи на мостот на улицата „Љубљанска“ во Скопје. Тој најави очекувано поевтинување на нафтените деривати следната недела и потврди дека Владата ќе направи формален ребаланс на Буџетот до крајот на октомври.

Ремонтите, водостојот и мерењата за горивата

Мицкоски рече дека ремонтните активности на термоблоковите во РЕК „Битола“ и „Осломеј“ се во завршна фаза или ќе завршат до крајот на месецот. Тој посочи дека хидропотенцијалот во моментов е на задоволителни 40 проценти од капацитетот и дека со очекуваните есенски и зимски врнежи се планира следната сезона за наводнување да се пречека со ниво од 80 до 85 отсто.

Како главен предизвик за време на грејната сезона, за која очекува целосно да започне во втората половина на ноември, Мицкоски го посочи аерозагадувањето поради користењето нееколошки горива за затоплување низ целата земја. Во однос на парното греење во Скопје, тој истакна дека со летните подготовки и санации на мрежата се очекува преполовување на загубите на вода.

Врз основа на берзанските движења, премиерот очекува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) следната недела да донесе одлука за намалување на цените на дизелот и бензинот. Владата истовремено преговара со компанијата „Окта“ за обезбедување дополнителен попуст.

„Со тоа ќе бидеме убедливо држава со најниска цена на горивото во регионот, а можеби и во Европа. Тоа овозможува социјален мир и контролирана стапка на инфлација, која во овој момент е за 50 отсто пониска од просекот во ЕУ“, изјави Мицкоски.

За разлика од одделни земји од ЕУ и Г7 кои ги отвораат своите државни резерви за интервентно снабдување, премиерот увери дека Македонија нема проблем со залихите и дека сите договори со снабдувачите се обезбедени и се почитуваат најмалку до Нова година.

Поради намалените приходи по основ на акцизи и ДДВ за горивата, Мицкоски најави нов формален ребаланс на Буџетот во текот на овој месец. „Само по основ на акциза проценките се дека ќе недостигаат околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност, посебно за дизел горивото којашто е намалена, доаѓаме до бројка од 7–8 милијарди денари, којашто не може да биде покриена со прераспределба, ќе мора формално да се направи таков ребаланс“, објасни тој, додавајќи дека приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните, а буџетскиот дефицит може дури и дополнително да се намали со кратење и на приходите и на расходите.

Во однос на најавите за проширување на дневната евтина тарифа за струја, премиерот порача дека позитивно би ја поздравил секоја реформа што е во корист на граѓаните.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи