Мицкоски: Двата гасоводни интерконектори драматично ќе го зголемат геостратегиското значење на Македонија
Премиерот рече дека еден интерконектор ќе биде пуштен до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028; најави разговори на ЕSM со Светска банка.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека изградбата на два гасоводни интерконектори, еден кон јужниот и еден кон северниот сосед, драматично ќе го зголеми геостратегиското значење на Македонија.
Рокови и економски ефекти
По отворањето на новото основно училиште во скопско Ченто, Мицкоски ги наведе очекуваните рокови за двата гасовода и ги опиша економските придобивки. „Едниот очекувам да биде синхронизиран и пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028 да биде целосно синхронизиран“, рече премиерот.
Според него, гасоводите ќе отворат можности за инвеститори кои сакаат да вложуваат во капацитети за производство на електрична енергија што ќе користат гас како гориво. Тој додаде дека проектите ќе овозможат и термоелектраните што користат јаглен при реконструкција и модернизација да направат конверзија на гас, со што би се зачувале работните места и објектите би продолжиле да произведуваат.
Мицкоски информираше дека процесот е во тек и дека АД ЕСМ води разговори со Светската банка, по што очекува наскоро позитивни вести за проектот.
Во врска со обезбедувањето на средства за брзата пруга, премиерот посочи дека Владата веќе донела одлука и ја задолжила "Македонски железници – транспорт и инфраструктура" да објави меѓународен повик за барател на финансиер.
„Веќе донесовме на Влада одлука и ја задолживме 'Македонски железници – транспорт и инфраструктура’ да објави меѓународен повик, со кој ќе се бара финансиер“, рече Мицкоски, додавајќи дека очекува повикот да биде објавен овој месец.
Фото: прес-материјал од настанот


