Почетна
Македонија

Мицкоски му одговори на Апасиев и го повика да ги докаже обвиненијата

Апасиев ги именуваше фирмите и донаторските износи поврзани со Јорданчо „Дано“ Јанев; премиерот ги отфрли тврдењата и повика на прес-конференција и суд.

·Македонија
Мицкоски му одговори на Апасиев и го повика да ги докаже обвиненијата

На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, дојде до жесток вербален судир помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Левица и пратеникот Димитар Апасиев, откако Апасиев од говорницата ги обвини членoвите од семејството на премиерот и поврзаните фирми со низа деловни активности во Македонија и Бугарија.

Имиња на компании, донации и спорни тендери

Апасиев рече дека баџанакот на Мицкоски, Јорданчо Јанев – познат како Дано, е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Тој ги наведе компаниите „Дано транс“, „Интерпласт груп“, „Шалом фуд груп“ и, како новоосновани, „Шалом деливери“ и „Д-Дигитал конто“, и тврдеше дека дел од овие фирми остваруваат милионски приходи и покажуваат преплетени роднински и деловни врски.

Пратеникот посочуваше и на, според него, деловна поврзаност со братучедот на Јанев, Дончо Карастоев, кој, како што рече, е поврзан со дополнителна мрежа од девет компании. Апасиев тврди дека фирмата „Шалом деливери“ била основана во 2024 година и наведе пример со тендер за свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите Тивериополски свештеномаченици во Струмица, за кој, според него, победник била фирма поврзана со баџанакот на премиерот.

Тој го отвори и прашањето за донациите кон ВМРО-ДПМНЕ: според неговите тврдења, директорката на една консултантска и сметководствена фирма што тој ја поврза со Јанев донирала 2 500 евра, а Јанев, според јавни податоци, од 2019 година донирал вкупно 20 000 евра. Апасиев посочи и дека братучедот на Јанев донирал 5 000 евра во изборите во 2024 година и спомена наводна хациенда во Струмица вредна 2 000 000 евра, додека некои тврдења, рече, немаат потврда.

Од говорницата Апасиев му се обрати на премиерот со персонализирано прашање и го опиша роднинскиот однос: "Почитуван премиер, денеска ќе ве прашам за тема, во која вие сте најјак, а јас сум најслаб, а тоа е бизнис. На последните пратенички прашања реков дека прашањата ќе ми бидат директни со имиња и презимиња и со слики. Еве слика од вашиот баџанак, лицето Јорданчо Данев-Дано. Има и песна, аџанак-банаџак, на кој му стиска нека дојде. Еве мене ми стиска, па дојдов. Тоа е сродство по сватовство. Значи сопругот на сестрата на сопругата е баџанак. Овој баџанак на премиерот е многу плоден бизнисмен. Тој има и бугарско државјанство", рече Апасиев.

Мицкоски ги отфрли обвинувањата и го повика Апасиев јавно да ги повтори надвор од собраниската говорница, за да може да ги докаже пред суд. Од говорницата премиерот изјави: "Овде сум јас инфериорен, бидејќи после мене вие ќе излезете и ќе фрлите уште нов грст лаги и клевети. И нормално, како секоја кукавица, ќе ја искористите или злоупотребите собраниската говорница без притоа да имате некаква кривична одговорност ниту за клевета, ниту, пак, за нешто друго. Јас ве поканувам, како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица, да излезете ова што денеска го кажавте и надвор, пред медиумите, на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјаки, а тоа е судот. Па, ќе мора ова што денеска го кажавте да го докажете".

Премиерот потврди дека Јорданчо Јанев му е баџанак — односно дека сопругата на Јанев е сестра на неговата сопруга — и ја оспори информацијата дека Јанев добил бугарско државјанство во 2017 година, велејќи дека го поседува уште од 2003 година. Мицкоски рече дека Јанев потекнува од семејство во кое таткото останал без работа во фабриката „Треска“, го дал камионот со кој Јанев почнал да заработува, а потоа развил бизнис што постои повеќе од 25 години.

Контрарепликата на Апасиев повторно отвори дел од истите прашања: тој презентираше фотографии на Јанев во друштво со премиерот и се врати на тврдењата за донации и тендери. Судирот од собраниската говорница премина во меѓусебни прозивки, а премиерот го повика да не ги изнесува овие тврдења само од говорницата туку да ги каже пред медиумите.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи