Почетна
Политика

Мицкоски најави три мерки за младите: попуст при купување стан, нула комуналии за изградба на куќа и повеќе услуги за студентите

Законски предлози ќе ги задолжат градежните компании за станбена квота, ќе ги укинат комуналиите за млади градители и ќе ги зголемат студентските услуги преку апликацијата.

·Политика
Мицкоски најави три мерки за младите: попуст при купување стан, нула комуналии за изградба на куќа и повеќе услуги за студентите

Премиерот и лидер на владејачката ВМРО‑ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави три законски мерки насочени кон подобрување на домувањето и животниот стандард на младите. Мерките ги презентира на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили, одржана под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“, и рече дека ќе ги преточи во закони за расправа во Собранието.

Што предвидуваат мерките

Првата мерка предвидува градежните компании да одделуваат најмалку 10 отсто од становите во новите згради за брачни парови до 35 години, по цена најмалку 20 отсто пониска од пазарната. Мицкоски истакна дека компаниите кои нема да го исполнат овој услов нема да добијат дозвола за градба.

„Првата мерка којашто денеска ќе ја објавам, а којашто наскоро ќе се најде како закон пред пратениците е мерка во која ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, нема да може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 отсто станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 отсто пониска од пазарната цена“, рече тој.

„И ова ќе биде регулирано со закон. Има политички партии што се обидуваат да прават естрада дека требало од буџетот да субвенционираме еден, два отсто од каматните стапки. Не еден, два, туку минимум 20 отсто пониска цена. Ова е вистинска мерка“, додаде Мицкоски.

Втората мерка се однесува на брачни парови до 35 години кои ќе одлучат да изградат сопствена куќа – општините нема да наплаќаат комуналии за градба. Како што рече, решението би важело на целата територија на државата.

„Втората мерка за млади до 35 години е за секој оној кој ќе гради дом или своја куќа каде што ќе го гради своето семејство, преку закон повторно пред македонскиот парламент ќе донесеме одлука со којашто општините нема да плаќаат комуналии. За куќа, за брачен пар до 35 години општините нема да наплаќаат комуналии. На цела територија на Македонија“, рече Мицкоски.

Третата мерка предвидува зголемување за најмалку 20 отсто на обемот на услуги за студентите преку апликацијата „М-услуги“. Според премиерот, не се работи само за зголемување на вредноста на студентскиот оброк, туку и за дополнителни услуги кои студентите ќе можат да ги користат преку апликацијата, во соработка со Генералниот секретаријат и министерствата за образование, финансии и дигитална трансформација.

„Целта не може да ми биде ниту мене, ниту на моите соработници во Владата различна од тоа да бидеме пријатели и на студентите и на младите луѓе. За таа цел, разработуваме, секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 отсто поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата ‘М-услуги‘“, рече тој. „И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги кои ќе ги користат до крајот на месецот, до почетокот на следниот месец“, додаде Мицкоски.

Премиерот кажа дека трите мерки ќе бидат преточени во законски решенија и најави очекување за поддршка од сите пратеници во Собранието. Тој ги поврза предлог‑мерките со целта да се задржат младите во земјата и да се вратат оние кои заминале.

„Без подмладок, без млади луѓе нема иднина. Ниту политичка партија, ниту Македонија како држава. И цело време кога разговараме се обидуваме да креираме политика повеќе, мерка повеќе, за да можат младите да останат тука, а оние кои заминаа да ги вратиме назад. Тоа е за нас најголемиот проект, а тоа е Македонија земја на млади луѓе. Токму тоа е целта на овие мерки кои ќе се преточат во закони и за кои очекувам поддршка од сите пратеници во македонското собрание. Едно од најважните прашања за иднината на Македонија е токму ова за кое што зборував“, рече Мицкоски.

На крајот тој им се обрати на младите да не чекаат идеални услови туку преку сопствени идеи и труд да ја создаваат својата иднина: „И запомнете, големината на една генерација не се мери според тоа колку лесно време наследила, туку според тоа колку подобро време оставила зад себе“.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани написи