Почетна
Македонија

Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен и пензионерите не треба да се грижат

Мицкоски вели дека реформите и мерките против злоупотреби ги штитат пензиите, и покрај критиките за фискалниот ефект.

·Македонија
Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен и пензионерите не треба да се грижат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска увери дека пензискиот систем во земјава е стабилен и сигурен и дека пензионерите не треба да се грижат за своите примања. Тој изјави дека сите предлози за реформи се земаат во предвид, но дека Владата ја носи конечната одлука за политиките.

Мицкоски ја коментираше критиката на Фискалниот совет дека линеарното зголемување на пензиите создало дополнителен дефицит во ПИОМ, нагласувајќи дека секоја политичка одлука има позитивни и негативни страни, но оти придобивките во овој случај се далеку поголеми.

Тој рече дека финансиската стабилност не се добива преку скратување на права, туку преку лоцирање на средства каде што се злоупотребуваат и нивна пренамена за реални потреби. Како пример посочи реформа во секторот за социјална заштита, каде, според него, биле откриени сериозни аномалии.

„Имаме фантомски корисници или корисници кои според сите параметри не треба да бидат корисници на гарантирана минимална помош или социјална сигурност. Тоа не се малку пари, доколку ги анализирате на годишно ниво ќе дојдете до бројка помеѓу една милијарда и милијарда и пол денари“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за потребите од реформа на пензискиот систем.

Работна сила, државни компании и фискални избори

Премиерот истакна дека и во АД ЕСМ се гледаат резултатите од реформите, наведувајќи дека компанијата која претходно бележела загуба од 180 милиони евра, во првите три квартали од оваа година веќе има профит од околу 6,5 милиони евра.

Мицкоски рече дека во моментов во државата има околу 709 илјади вработени, додека за оптимален економски развој се потребни околу 800 илјади. Тој предупреди дека според проекции, за 15–20 години бројот може да падне под 500 илјади, што ќе предизвика сериозни проблеми за пензискиот и здравствениот систем и за економијата во целост.

„Затоа го сменивме Законот за работни односи и овозможивме секој кој се чувствува работно способен да може својот работен век да го продолжи до своите 67, 68, дури во одредени области и до 70 години. Нормално, ако се обновува договорот со работодавачот секоја година“, рече Мицкоски. Тој додаде дека неконтролираното увезување работна сила носи предизвици поврзани со различен менталитет и култура.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи