Почетна
Политика

Мицкоски: Подготвен сум да седнам со Радев, но нема иницијатива за директни разговори

Премиерот вели дека ќе прифати средба која води до резултат; нема потврда дека уставните измени се повторно на преговарачка маса.

·Политика
Мицкоски: Подготвен сум да седнам со Радев, но нема иницијатива за директни разговори

Желба има, но не и иницијатива. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен во кое било време да седне со бугарскиот премиер Румен Радев за да разговара за надминување на спорот со Бугарија и откочување на македонскиот евроинтегративен пат, но истакна дека досега такво нешто не било иницирано.

„Јас сум подготвен во било кој момент да седнам и да разговарам, но средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето, ниту на неговото време. Очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближат позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен да седнам на средба“ , изјави Мицкоски.

На прашањето, дали досега имало иницирано директна средба на кое било ниво, Мицкоски кратко одговори: „Не“. Мицкоски не даде директен одговор за тоа дали уставните измени со одложено дејство се повторно ставени на преговарачка маса за надминување на спорот со Бугарија, велејќи дека политиката се темели на разговори и дека тој е од оние политичари кои што сакаат да разговараат додека не се постигне решение. Сепак, како што рече, решението ќе се бара во рамки на македонските црвени линии.

Дипломатски напори и поддршка

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски беше прашан за вчерашната изјава на неговиот чешки колега Петр Мацинка, дека спорот со Бугарија не е билатерален туку прашање на сите земји-членки на ЕУ — тврдење кое оди спротивно на ставот на Владата дека станува збор за билатерално прашање. Муцунски не одговори директно на таа разлика, туку се задржа на пораката дека Чешка сака да помогне во изнаоѓање решение.

„Тој, ќе повторам уште еднаш, прати јасна порака дека Чешка сака да биде наш поддржувач кон изнаоѓање на соодветно и одржливо решени. Беше прилично јасен, барем јас тоа што го слушав, во неговите пораки во таа смисла“, рече Муцунски.

Муцунски и Мицкоски денеска, заедно со претседателката на државата и шефот на чешката дипломатија, се обратија пред Амбасадорскиот совет на Министерството за надворешни работи, каде им ги пренесоа трите клучни приоритети за македонските амбасадори и конзули:

  • заштита на македонските национални приоритети;
  • јакнење на економската дипломатија преку дипломатско-конзуларните претставништва; и
  • заштита на интересите на македонските граѓани во странство.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи