Почетна
Македонија

Мицкоски: Во преговорите со Бугарија е потребно присуство на претставници од ЕУ или НАТО

Мицкоски порача дека досегашните билатерални средби без трета страна немале суштински ефект и дека аргументите треба да се слушнат објективно.

·Македонија
Мицкоски: Во преговорите со Бугарија е потребно присуство на претставници од ЕУ или НАТО

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека дијалогот со Бугарија треба да се одвива во присуство на претставници од Европската Унија или од НАТО за да се слушнат аргументите објективно и разговорите да имаат реален ефект.

Коментарот следуваше по медиумските написи дека ЕУ подготвувала забрзување на интеграциите за четири земји-кандидати, при што во извештаците Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина не биле меѓу нив. Мицкоски рече дека не располага со такви информации и дека тоа би било нелогично со оглед на реформите испорачани преку Реформската агенда и Планот за раст.

Во пресрет на најавената средба во петок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот кажа дека ќе разговараат за актуелната состојба во процесот на проширување, за предизвиците што излегоа во меѓувреме и за очекувањата во периодот што следи.

Третата страна како предуслов за „суштински разговори“

Прашан дали ќе го отвори прашањето за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, Мицкоски посочи дека досегашните билатерални средби без трета страна немале суштински ефект и дека тоа може да се промени само ако присуствуваат претставници од Европската комисија или од НАТО кои објективно ќе ги разгледаат аргументите.

„Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници на ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака кога ние седиме и разговараме на билатерална основа тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту пак потоа брифирањето од тие средби е онака како што се разговарало. Ценам дека за да имаме некаков ефект, за да имаме суштина во тие разговори добро е да има претставници од страна на Европската комисија за да ги слушнат аргументите. Ако нашите аргументи не држат, тогаш ние сме подготвени да ги прифатиме другите аргументи“, вели Мицкоски.

Тој додаде дека во моментов нема лична комуникација со бугарската страна. Фон дер Лајен во петок доаѓа во Скопје и ќе се сретне со Мицкоски и со Гордана Сиљановска‑Давкова.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи