Мицотакис на ОН: „Ние сме градители на мостови, а не создавачи на проблеми”
Во говорот на Генералното собрание на ОН Мицотакис ја нагласи улогата на Грција како столб на стабилност и предупреди за еднострани дејствија и неконтролирана вештачка интелигенција.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во говорот пред Генералното собрание на ОН ја истакна природната улога на Грција како врска помеѓу Европа и нејзиното пошироко соседство на исток и на југ, порачувајќи: „Ние сме градители на мостови, а не создавачи на проблеми.”
Главни теми од говорот
Мицотакис ја опиша земјата како „столб на стабилноста, поврзаноста и мирот” во Источниот Медитеран, на Блискиот Исток и во Заливот, нагласувајќи дека географската положба носи одговорност за промовирање стабилност во регионот.
За односите со Турција тој рече дека во изминатите три години се вложуваат напори за подобрување, обновување на довербата и одржување отворени канали за комуникација, но оти сето тоа мора да се потпира на меѓународното право и принципите на добрососедство. „Дијалогот е неопходен за мирот и просперитетот. Сепак, суштинскиот дијалог не може да коегзистира со еднострани дејствија со кои се доведува во прашање меѓународниот правен поредок, ниту може да постои суштински напредок кога сме соочени со закани со војна како одговор на остварувањето на легитимни права согласно меѓународното право. Таквите дејствија не ги решаваат споровите, туку само доведуваат до нивно продлабочување. А со тоа се создава ризик од поткопување на стабилноста на поширокиот регион во кој живееме,” рече Мицотакис.
За кипарското прашање тој изрази поддршка за напорите на генералниот секретар на ОН и повтори дека целта е обединување на Кипар согласно резолуциите на Советот за безбедност.
Во делот посветен на енергетиката Мицотакис рече дека земјата ја користи својата „единствена географска положба да ја претвори во посилни врски меѓу Европа, Блискиот Исток, Заливот и Северна Африка” и нагласи дека тоа служи за обезбедување „енергетска безбедност за нашите северни соседи.”
На крајот тој се осврна и на вештачката интелигенција, предупредувајќи дека „неконтролираниот развој, без соодветна регулаторна рамка, носи ризици кои потенцијално во голема мера ги надминуваат нејзините можни придобивки.”
Фото: прес-материјал од настанот


