Почетна
Свет

Мицотакис од Солун презентираше пакет мерки за поддршка од 2,2 милијарди евра за 2027 година

Пакетот вклучува зголемување на додатокот за пензионери, даночни олеснувања за земјоделци и нов штеден фонд за новороденчиња.

·Свет
Мицотакис од Солун презентираше пакет мерки за поддршка од 2,2 милијарди евра за 2027 година

На отворањето на Меѓународниот саем во Солун, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис презентира пакет мерки за поддршка вреден 2,2 милијарди евра за 2027 година, кој содржи краткорочни финансиски ангажмани и долгорочни цели до 2030 година.

Главни ставки од планот

Мицотакис наведе дека планот предвидува намалување на даночното оптоварување за земјоделците: целосно укинување на данокот на доход за оние со годишни приходи до 20.000 евра и намалување за 50 отсто за оние со приходи од 30.000 евра.

Годишниот додаток за сите пензионери над 65 години ќе се зголеми од 300 на 400 евра од ноември годинава и мерката ќе опфати 2,3 милиони пензионери. За 720.000 вработени во државниот сектор од 2027 година се воведува додаток за Божиќ во висина од 500 евра.

Една од мерките што премиерот ја опиша како „иновативна мерка што ќе ја охрабри културата на штедење" е „штеден фонд за новороденчиња и новата генерации", во кој државата ќе го удвојува износот што ќе го уплатат родителите. Тој објасни дека кога родителите ќе уплатат 100 евра, државата ќе додаде уште толку и дека „едно дете на 18 години, од заклучениот капитал ќе има над 60.000 евра како основа", со цел „да се инвестира во новата генерација".

За решавање на демографските предизвици, Мицотакис најави укинување на данокот на доход до 20.000 евра за семејства со три деца и зголемување на специјалниот додаток за многудетни семејства. За проблемот со станбените пазари, тој предложи зголемување на данокот на пренос на недвижности од 3 на 15 отсто за купувачи од трети земји, наведувајќи ги како примери Кина, Турција и Израел.

За вработените во приватниот сектор Мицотакис рече дека целта е минималната плата да достигне 1.000 евра во јануари 2028 година. Долгорочно, во наредните три години, владината намера е цената на струјата да се намали за 30 отсто.

„Програмата што ја претставив чини 2,2 милијарди евра до 2027 година и 3,5 милијарди евра до 2030 година. Секогаш се движиме во рамките на постоечкиот фискален простор," рече Мицотакис и нагласи дека Грција денес поефтино се задолжува од пазарите во споредба со САД, Велика Британија, Данска и Италија. Тој во 85-минутниот говор ги опфати и темите миграција, енергетика и одбрана и најави дека утре на традиционалната прес-конференција на маргините на саемот ќе даде повеќе детали.

Говорот Мицотакис го започна со изразување на тага за несреќата при пад на Ф-4Е Фантом за време на учеството на авијацискиот спектакл „Athens Flying Week", кога загинаа двајца пилоти, поради што, како рече, „денешното свечено отворање е во сенка на трагичниот настан". Пред свеченото отворање, синдикатите во Солун организираа низа протести против владини политики.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи