Почетна
Македонија

Миланов: Граѓаните јадат безбедна храна, подготвуваме двојно повисоки глоби за несовесните оператори

АХВ извести за масовни контроли и за конфискации на вкупно осум тони незадоволителна храна во два дена.

·Македонија
Миланов: Граѓаните јадат безбедна храна, подготвуваме двојно повисоки глоби за несовесните оператори

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, денеска изјави дека македонските граѓани јадат безбедна храна, но дека казните за несовесните оператори се премногу ниски и ќе бидат двојно зголемени со новите законски измени што се подготвуваат. Изјавата ја даде пред почетокот на настанот по повод Светскиот ден на храната.

Резултати од контроли и конфискации

Миланов информира за интензивни вонредни инспекциски надзори на пазарите и посочи дека вчера биле запленети две тони небезбедна храна, а денеска уште дополнителни шест тони.

„Ниту една држава не може да каже дека јаде 100 проценти безбедна храна, но најважно е да има редовни и вонредни инспекции. Безбедноста на храната е најважна. Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме“, посочи Миланов.

Според податоците што ги презентираше, во периодот од јануари до август годинава се спроведени вкупно 74 838 инспекциски надзори, при што се уништени 69 776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз. Во истиот период било спречено увозување на 21 105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122 602 килограми храна од животинско потекло.

За контролите на месните и млечните производи преземени во текот на летото, лабораториските анализи од прва, втора и трета мостра покажале дека се работи за безбедни и квалитетни домашни производи. На некои производители се констатирани неправилно декларирање и ситни технички отстапувања, како што имало повеќе вода или масленост од наведеното, што според Миланов не значи дека храната е небезбедна.

За враќањето на пратките со македонско овошје и зеленчук од Хрватска, Бугарија и Србија тој рече: „Чудно е зошто ги враќаат, но секоја држава си го штити својот пазар и производство. Веќе одржавме средби на високо институционално ниво и со стопанските комори и договорено е да бидеме значително поригорозни и во увозот и во извозот. Во изминатите две години вративме над 650 тони храна од увоз“.

Миланов апелираше до граѓаните при купувањето да внимателно ги проверуваат рокот на употреба, декларациите, нутритивната табела и органолептичките својства на производите. Исто така информираше дека преку Одделението за заштита на потрошувачите во овие осум месеци биле поднесени над илјада иницијативи, најмногу во областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.

„Безбедната храна е основа за здравјето на граѓаните, довербата на потрошувачите и одржливиот развој на прехранбениот сектор. Нашата цел не е само да реагираме кога ќе се утврдат неправилности, туку и преку превентивни активности, едукација и соработка со сите чинители да придонесеме кон повисоко ниво на безбедност на храната“, порача Миланов.

Тој нагласи дека АХВ континуирано спроведува контроли во домашниот промет и при увозот и соработува со Министерството за земјоделство, Платежната агенција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и други надлежни институции. Според Миланов, безбедноста на храната бара интегриран ланец на контрола, од примарното производство, преку преработката и дистрибуцијата, сè до крајниот потрошувач.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи