Милановиќ бара итна истрага и санација по откриено депонирање опасен отпад во Лика
Милановиќ бара итна санација по вештачењето на УСКОК кое покажало загадување околу Госпиќ.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, побара итна истрага и веднаш да започне санација на теренот околу градот Госпиќ, откако резултатите од вештачењето за заштита на животната средина објавени од Службата за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) покажале присуство на загадување.
УСКОК ги објави наодите од експертското вештачење, по што Милановиќ реагираше и оцени дека има основана причина за загриженост поради евентуален ризик за здравјето на населението.
"Незаконското, а со тоа и криминално депонирање опасен отпад во Лика, во околината на Госпиќ, мора итно да почне да се санира", порача Милановиќ на „Фејсбук“.
Тој ги повика Владата и надлежните институции да престанат да се повикуваат на административни процедури и јавни набавки како оправдување за одложувања, нагласувајќи дека здравјето на луѓето е загрозено.
Во својата објава Милановиќ посочи: "Помина премногу време откако беше откриено дека околината кај Лика се труе со опасен отпад од земјите на Европската Унија и бескрупулозно се користи за приватни интереси и за профит, а се чини дека сето тоа се случувало со помош на сега веќе разрешениот главен државен инспектор."
Претседателот додаде дека „сè уште никој не одговарал за овој, очигледно е, екоцид“ и побара одговорност и итна санација: "Ниту компанијата која во Лика го депонирала опасниот отпад од Европа, ниту државните институции кои морале да го спречат тоа, но не го сториле. Лика, но и Хрватска, мора да добијат одговор: зошто досега никој не е казнет за незаконското депонирање опасен отпад и зошто надлежните државни институции молкум го дозволувале тоа? И, што е најважно, кога ќе започне санацијата на депонијата со опасен отпад? Сите досегашни оправдувања на Владата и на надлежните министерства повеќе не можат да се толерираат. Ги повикувам веднаш да дејствуваат и да го заштитат здравјето на луѓето во Лика".
Фото: МИА.jpg')