Милатовиќ го отфрла релативизирањето на воените злосторства на Ратко Младиќ
Милатовиќ го осуди релативизирањето на злосторствата на Младиќ по изјавата на Андрија Мандиќ и побара почитување на пресудите на меѓународните судови.

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, остро реагираше откако претседателот на парламентот и лидер на Новата српска демократија, Андрија Мандиќ, јавно изрази сочувство по смртта на Ратко Младиќ.
Мандиќ објави на X дека му упатил сочувство на Дарко Младиќ, во свое име и во име на партијата, „поради смртта на неговиот татко, генерал Ратко Младиќ“.
Поранешниот командант на армјата на Република Српска, Ратко Младиќ, почина вчера во затворот во Шевенинген. Тој беше законски осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, тероризирање на жителите на Сараево и прогон, убиства и други воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Босна и Херцеговина.
Милатовиќ: не е прашање на политички став
Канцеларијата на претседателот нагласи дека одговорноста на Младиќ е потврдена со конечна пресуда на меѓународниот суд и предупреди дека сочувството не смее да се користи како изговор за омекнување или релативизирање на тие злосторства. "Односот кон семејството на починатиот не може да биде изговор за релативизација на воените злосторства", соопштија од таму.
Тие додадоа дека Црна Гора мора да ги почитува пресудите на меѓународните судови, јасно да ги осуди воените злосторства и да го заштити достоинството на жртвите и нивните семејства. "Секоја глорификација и релативизација на воените злосторства треба да биде отфрлена", додава канцеларијата.
Министерот за надворешни работи и претседател на Бошњачката партија, Ервин Ибрахимовиќ, исто така реагираше на објавата на Мандиќ: "Правно осуден воен злосторник, и жив и мртов, не заслужува ништо друго освен презир. Сè друго е (не)прикриено глорифицирање на криминалците, злосторствата, геноцидот и геноцидните политики", напиша тој на Х.
Хрватска во јули 2024 година го прогласи Андрија Мандиќ за персона нон грата, заедно со Милан Кнежевиќ и Алекс Бечиќ. Хрватското Министерство за надворешни и европски работи објави дека одлуката е донесена поради нивното "систематско дејствување за нарушување на добрососедските односи со Република Хрватска и континуирана злоупотреба на Република Хрватска за внатрешнополитички цели".
Русија, пак, го обвини Хашкиот суд за смртта на Младиќ, тврдејќи дека причината била нехуман третман додека тој беше во притвор.
Фото: прес-материјал од настанот