Почетна
Македонија

Милионски аванс за железнички пруги пренесен преку фиктивна фактура за пилешки нозе

Аванс од 283 310 евра за железнички пруги, според пријавата, префрлен преку фиктивна фактура за пилешки нозе и дел конвертиран во девизи

·Македонија
Милионски аванс за железнички пруги пренесен преку фиктивна фактура за пилешки нозе

Управата за финансиска полиција достави кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против пет физички лица и две правни лица поради сомнежи за перење пари и други приноси од казниво дело, измама, фалсификување или уништување деловни книги и даночно затајување.

Шема и наводни злоупотреби

Според пријавата, во 2022 година првопријавениот Д. К., како сопственик на правен субјект од Скопје, склучил договор за купопродажба со правно лице од Словенија за железнички пруги во вредност од 21,6 милиони денари. Од словенечката компанија бил уплатен аванс од 283 310 евра, односно 17,4 милиони денари, но договорената стока не била испорачана и средствата не биле вратени, со што е причинета штета во наведениот износ.

Потоа, како што се наведува, дел од средствата бил префрлен со цел да се прикрие нивното потекло. Д. К. и Ф. Н., како управител и овластен потписник на сметката на скопското правно лице, потпишале налог за префрлање на 16 762 410 денари кон правно лице од Штип врз основа на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нозе.

Средствата по потекло од таа трансакција подоцна биле пренесени преку фиктивен договор за цесија на сметката на Х. Р. Пријавената Ф. М., во својство на овластен сметководител, не ја евидентирала Х. Р. како нов доверител и дополнително ги прикрила трансакциите, евидентирајќи ги парите како негативни книжења на картичката на купувачот. Според пријавата, овие трансакции не биле прикажани во Даночниот биланс за 2022 година.

Во шемата учествувала и Д. М., како овластен потписник на сметката на правното лице од Штип, кој веднаш по уплатата ги пренел средствата на сметката на Х. Р. Потоа, Д. К., како овластено лице на сметката на Х. Р., дел од средствата ги конвертирал во девизи; дел бил подигнат во готово, а дел искористен за купување возило.

Дополнително, се наведува дека Ф. Н., како управител на скопското правно лице, не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1 885 370 денари за исплатените средства кон Х. Р., а Х. Р. не го пријавила остварениот приход во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година. Финансиската полиција оценува дека преземените дејствија упатуваат на прикривање на потеклото и локацијата на прибавените незаконски средства и избегнување даночни обврски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи