Министерството за енергетика најотворено годинава — единствено со 100% активна транспарентност
Годишното рангирање на 102 институции покажува благо подобрување, но 41% од институциите бележат пад.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини годинава се најде на врвот на Индексот на активна транспарентност — едиствено министерство со максимални 100% во проактивното објавување информации. Рангирањето беше објавено по повод Меѓународниот ден на универзалниот пристап до информации.
Истражувањето, подготвено од Центарот за граѓански комуникации, опфати вкупно 102 институции — Владата, сите министерства и општините — и ја мери количината на информации што институциите ги објавуваат проактивно. Просечната активна транспарентност за 2026 година изнесува 82% од можни 100%, што е зголемување за два поени во однос на ланските 80%.
Министерства, Влада и општини
Кои напредуваа, а кои назадуваа
Активната транспарентност само на министерствата и на Владата изнесува 86% во 2026 година — подобрување за два процентни поена од 84% во 2025 година и враќање на нивото од 2023 и 2024 година. Општините исто така остварија подобрување, од 79% лани на 81% годинава.
И покрај просечните подобрувања, 41% од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност во 2026 година. По пет години на првото место, Министерството за одбрана веќе не е водечко — оваа година позицијата ја презеде Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Кај општините, четири општини постигнаа 100%: Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип; ниту една од ланските лидери не ја задржа водечката позиција. По региони, Источниот Регион четврта година по ред е најпрозрачен и ја подобри активната транспарентност на 91% во споредба со 88% лани. На дното останува Општина Лозово со најниски 36,9%.
Истражувањето покажува и дека најмалку информации се објавуваат за финансии: министерствата објавуваат 71% од очекуваните податоци, а општините 64%. Во симулирана проверка на одговорите по барања за слободен пристап до информации — кога сите институции добија исто барање истиот ден — 32% доставиле одговор по истекот на законскиот рок или воопшто не одговориле.
Фото: прес-материјал од настанот


