Митровден: 8 ноември — обичаи, верувања и забрани кои не треба да се забораваат
Свети Димитриј Солунски се почитува на 8 ноември; празникот носи временски суеверија и правила за завршување на работите пред зимата.

Православните верници го празнуваат Митровден на 8 ноември — празник посветен на Свети Димитриј Солунски, кој од векови важи за еден од најпочитуваните светители и заштитници на семејството и домот.
Според црковното предание, Свети Димитриј е роден во Солун во III век, за време на владеењето на римскиот цар Максимијан. Иако бил на висока положба во градот, тој ја игнорирал царевата наредба да ги прогонува христијаните и јавно ја проповедал верата. Поради тоа бил затворен и погубен, а солунските христијани тајно го закопале. На местото на неговиот гроб била подоцна изградена црква, а поради преданието дека од неговиот гроб тече свето миро — го нарекуваат Мироточив.
Црковни стихови и народни песни
Во црковните служби за празникот се изговараат и познати тропари и кондаци. Тропарот вели:
"Целиот свет најде во тебе заштитник, страдалнику, кој ги победуваш незнабошците. И, како што си ја победил горделивоста Лиева, и за борба си го охрабрил Нестора, така свети Димитрие, моли се на Христа Бога, да ни дарува милост голема."
Кондакот го нагласува неговиот подвижнички пример и заштитничка улога:
"Со потоците на твојата крв, Димитрие, Црквата ја обои Бог, Кој ти даде сила непобедлива и твојот град неоштетен го запази, зашто ти си негова поткрепа.."
Празникот е тесно преплетен и со бројни народни верувања. Ако на Митровден има дожд или мраз, се предвидува долга и студена зима; ако е сончево — очекуваат поблаги месеци. Постоело силно уверување дека по Митровден времето е лажливо и дека зимата може да нè изненади во секој момент, па затоа важните работи на отворено требало да се завршат навреме.
Истиот ден носи и практични табуа: се верувало дека треба да се престои дома — оној кој ноќта ќе ја мине надвор, според традицијата, ќе ноќева по туѓи куќи во текот на наредната година. Жените избегнувале да фаќаат вретено, чешел или ножички, децата не требало да се караат за да не останат немирни и непослушни, а не било ни вообичаено да се примаат многу гости.
Фото: прес-материјал од настанот


