МНР: Муцунски испрати реакција до ЕУ и земјите‑членки по пречекот на Ива Михајлова во Софија
МНР го оцени пречекот во Софија како провокација, повика на почитување на судските постапки и владеењето на правото.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека министерот Тимчо Муцунски испратил формална реакција до Европската Унија и земјите-членки во врска со пречекот на Ива Михајлова во Софија.
На бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, му беше предадено дека постапките на Софија ги поткопуваат напорите за градење доверба и добрососедски односи. Од министерството додадоа дека во следниот период ќе бидат известени сите релевантни европски институции и меѓународни организации.
Правни и дипломатски забелешки
МНР го нагласи правниот принцип дека другото државјанство не смее да биде причина за избегнување на одговорност и побара од Бугарија како членка на ЕУ да ги почитува судските постапки и владеењето на правото во нашата држава. Објаснија дека начинот на пречекот на Михајлова во Софија, вклучително и најавите за прием на високо ниво, претставува провокација и директно навлегување во правниот систем.
Европратеникот Андреј Ковачев изјави: "Јас овде уште на средбата на Европската народна партија,што започнува во Италија, јаинформирав претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен за ситуацијата и сметам дека Скопје нема за што да се жали од Бугарија. Што точно проблематично направила Бугарија? Апсолутно ништо.Ние се разбира го псотавивме проблемот, хуманитарниот проблем со Ива Михајлова на сите нивоа."
Бугарската претседателка Илијана Јотова побара појаснување за околностите под кои Михајлова ја напуштила државата и нагласи дека надлежните бугарски органи треба да се произнесат. Таа најави и лична средба со Михајлова, доколку, како што рече, здравјето ѝ дозволи.
Пред тоа македонските власти информираа дека Обвинителството побара притвор за Михајлова и дека сè уште е нејасно како ја преминала границата. Дипломатската нота од МНР е дел од пошироката реакција на Скопје по овој случај.
Фото: прес-материјал од настанот


