МНР повика претставник на Амбасадата на Бугарија по изјавите на Демерџиев и Радуков
Министерството го оцени говора на бугарскиот министер и изјавите на вршителот на работи како мешање во внатрешните работи и најави институционална реакција.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) повика претставник на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, кој во отсуство на амбасадорот Желјазко Радуков ја извршува функцијата вршител на работи, и му го стави до знаење незадоволството на државата.
На средбата, како што посочија од МНРиНТ, беше изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна. Исто така беше изразено и незадоволство од изјавата на амбасадорот Радуков дадена за бугарската телевизија БТВ, која е оценета како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава.
МНРиНТ предупреди на можни институционални чекори
Од МНРиНТ истакнаа дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.
Беше укажано дека поведеното може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием.
„Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, се наведува во соопштението од МНРиНТ . „На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна“, се додава во соопштението.
Фото: прес-материјал од настанот


