Почетна
Македонија

Мрежата го прозва Панче Тошковски на „ѕидот на срамот“: Каде се измените на осум закони за заштита на жените?

Невладината бара усвојување на предложените измени до 10 декември и јавно објавување рокови за преостанатите закони.

·Македонија
Мрежата го прозва Панче Тошковски на „ѕидот на срамот“: Каде се измените на осум закони за заштита на жените?

Мрежата за заштита од дискриминација јавно го прозва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побара објаснување зошто предложените измени на осум закони за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство сè уште не се усвоени, иако годинава има седум фемициди.

Невладината го стави Тошковски на т.н. „ѕид на срамот“ и од него бара да се заложи предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство да се усвојат до 10 декември и јавно да ги објави конкретните рокови за подготовка и доставување на измените на останатите седум закони до Собранието.

„Седум фемициди. Осум закони предвидени за измени. Ниту еден досега не е изменет. Продолжуваме со нашиот „Ѕид на срамот“, упатувајќи јавни прашања до Панче Тошковски, министер за внатрешни работи“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Работната група по случајот Карпош и мал напредок

Од Мрежата потсетуваат дека по случајот во Карпош, во кој Ивана Јовановска и нејзината ќеркичка Катја починаа по пад од балкон, а сопругот и татко на жртвите, Стојанче Јовановски, доби казна од 12 години затвор, беше формирана работна група за измени на осум закони со цел подобрување на системот за спречување и заштита.

Осум месеци подоцна, појаснуваат, до Собранието се предложени измени само на еден закон, но и тие не се усвоени. Невладината го прашува Тошковски каде се резултатите од работата за која е задолжен и што презел за усвојување на законските измени во чија подготовка, како што велат, и самиот учествувал.

„Како ќе обезбедите ефикасна заштита на жените и девојките доколку не се препознаваат и именуваат сите форми на родово базирано насилство? Формирањето работни групи не е резултат само по себе“, велат од невладината.

Од Мрежата за заштита од дискриминација бараат рокови и конкретна одговорност: „Бараме рокови и одговорност, а не нови ветувања!"

Во телевизиско гостување, министерот Тошковски најави два нови проекти кои, како што рече, треба да помогнат во превенцијата и заштитата: потенцијалните жртви на семејно насилство да можат да воспоставуваат видеоповици со Министерството за внатрешни работи (МВР) и со Центарот за управување со кризи (ЦУК), а полициските службеници до средината на 2027 година да бидат опремени со боди-камери преку кои ќе испраќаат видеосигнали директно до командните центри.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи