Мрежата за заштита од дискриминација го прозва Антонио Милошоски за измените за заштита на жените од насилство
Невладината бара јавно објаснување зошто предлог‑измени поднесени на 26 август остануваат заглавени додека фемицидите растат.

Мрежата за заштита од дискриминација јавно го прозва претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски, побарајќи јасен став за предложените законски измени за заштита на жените од насилство и политичка одговорност за застојот во процесот.
Во рамки на иницијативата „Ѕид на срамот“, невладината постави низа прашања адресирани до Милошоски. Организацијата потсетува дека европската интеграција не смее да остане декларативна и дека тоа подразбира унапредување на родовата еднаквост, заштита на човековите права и ефикасно справување со родово базираното насилство. Мрежата се повикува на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, каде што антиродовите наративи се наведени како една од причините за системските пропусти.
„Го прочитавте ли Извештајот на Европската комисија кој го разгледуваше комисијата со која претседавате“, го прашуваат Милошоски од невладината.
Надворешни притисоци и барање за конкретни чекори
Во својата комуникација до Милошоски, Мрежата го повикува да објасни како заложбите за европска интеграција се усогласуваат со давањето политичка тежина на актери чији наративи Европската комисија ги препознава како проблем. Тие бараат тој јавно да го соопшти својот став за предлог‑измени и да појасни кои чекори ќе преземе за нивно усвојување.
„Милошоски, ги препознавате ли во извештајот наративите на оние што јавно ве пофалија? Зошто продолжувате да ги поддржувате истите екстремистички религиозни групи?“, додаваат од невладината.
Невладината истакнува и конкретни броеви и датуми: „Одговорете им јавно на семејствата на убиените жени. Седум фемициди во 2026 година, а измените за заштита од насилство поднесени на 26 август сè уште чекаат. Милошоски, јавно ве прашуваме дали предлог измените на Законот за заштита и спречување од насилство, подготвени од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи и експертите, за вас е премногу ‘прогресивен’ и вие лично го блокирaтe?“
Покрај Милошоски, на „Ѕидот на срамот“ се најдоа претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска.
Апелот дојде на почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, кога претставници на три невладини организации — Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација — побараа итно усвојување на предложените измени. Мрежата предупреди дека дел пратеници, под влијание на антиродовите движења, го блокираат процесот со намера да го повлечат постојниот предлог и да отворат нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“.
Фото: прес-материјал од настанот


