Почетна
Македонија

Мрежата за заштита од дискриминација ја прашува претседателката дали е запознаена со ставовите и врските на „Јас сум жена“ за абортусот

Мрежата ја истакнува улогата на Ана Дукоска во меѓународната мрежа „Мајки за слобода“ и бара јасност дали институцијата е запозната со ставовите за абортус.

·Македонија
Мрежата за заштита од дискриминација ја прашува претседателката дали е запознаена со ставовите и врските на „Јас сум жена“ за абортусот

Мрежата за заштита од дискриминација го испрати отвореното писмо во кое ја повикува претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова да соопшти дали е запознаена со политичките и вредносните позиции и со меѓународните поврзаности на здружението чијашто претставнички ги прими на 6 октомври годинава.

Сомнежи за врски со мрежи против правото на абортус

Во писмото Мрежата посочува дека Ана Дукоска, претседателка на „Јас сум жена“, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“ заедно со Рејчел Скот и Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Moms for America“. Мрежата нагласува дека „Moms for America“ јавно се позиционира против правото на абортус и дека минатиот октомври во Охрид беше промовирана иницијативата „Мајки за Македонија“ како дел од оваа мрежа.

Од Мрежата тврдат дека политичкото крило на „Moms for America“ учествува во политички процеси и оценува кандидати врз основа на нивните ставови за абортусот, како и дека организацијата лобирала за промени што придонеле за укинување на федералната заштита на правото на абортус во САД.

Во отвореното писмо Мрежата упати низа директни прашања до претседателката: „Затоа јавно ја прашуваме претседателката Сиљановска‑Давкова: Дали, кога им дава јавен простор и институционален легитимитет на претставничките на ‘Јас сум жена’, е целосно запознаена со нивната улога во основањето на ‘Мајки за слобода’ и со политичките позиции и активностите на ‘Мајки за Америка’? Дали знае дека оваа организација активно лобирала за промени што придонеле кон укинување на федералната заштита на правото на абортус во САД? Дали за институцијата претседател економското јакнење на жената подразбира и нејзино право сама да одлучува за сопственото тело, бременоста и репродуктивното здравје? И конечно: Дали ќе дозволиме правото на абортус, за кое генерации жени пред нас се бореле и кое со децении го сметаме за дел од нашата еманципација, повторно да стане предмет на идеолошко преговарање?“

Мрежата упати и апел до институциите, компаниите, донаторите, медиумите, професионалните мрежи и граѓанските организации внимателно да ги преиспитаат своите партнерства и да проверат со кого се поврзуваат и какви вредности им даваат видливост и легитимитет. Како што се наведува, современите антиродови и движења против човековите права понекогаш се маскираат зад прифатливи теми – семејство, мајчинство, безбедност на децата, женско лидерство, економско јакнење и иновации.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи