Почетна
Македонија

Муцунски: Пристапниот процес во ЕУ да го трансформира општеството, а не идентитетот

На отворањето во Скопје министeрот за надворешни работи рече дека европската перспектива треба да остане кредибилна и заснована на заслуги.

·Македонија
Муцунски: Пристапниот процес во ЕУ да го трансформира општеството, а не идентитетот

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го отвори конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“ во Скопје, која се одржува до 2 октомври и на која учествуваат повеќе од 70 млади истражувачи, активисти и студенти од Европа и Западен Балкан. Настанот го организираат Францускиот институт во Париз, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Северна Македонија.

Муцунски на отворањето рече дека проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан е повеќе од инвестиција во регионалната стабилност — тоа е стратешка инвестиција во безбедноста и иднината на Европа, и ги истакна младите како клучни актери во обликувањето на таа иднина.

„Пристапниот процес треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне нашите институции и да создаде повеќе можности за нашите граѓани. Тој не треба да го трансформира нашиот национален идентитет", рече шефот на дипломатијата.

Европската перспектива мора да остане кредибилна

Тој потенцираше дека европската перспектива мора да остане кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, а дека напредокот на земјите кандидати треба да зависи од реформите и исполнувањето на европските критериуми.

Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, нагласи дека „Европските дијалози“ од 2023 година се одржуваат во различни европски градови за поттикнување на дебатата за иднината на Европа и европскиот проект. Тој посочи дека темата „Наследство и европска иднина“ ја поврзува историјата и заедничките очекувања за иднината, и додаде дека Европа не се гради само преку институции и политики, туку и преку споделени искуства, идеи и солидарност. Отворањето се одржа во Музејот на современата уметност во Скопје со изложбата „Солидарноста како иднина“, а во наредните денови учесниците ќе дебатираат за заедничкото европско наследство и визијата за иднината на ЕУ.

Фото: МИА

Поврзани написи