Почетна
Политика

Муцунски во Дубаи: иднината им припаѓа на државите кои инвестираат во поврзаност и отпорност

На сесијата „Trade in a Changing World“ министерот побара модернизација на трговскиот систем и вложувања во транспорт и енергија.

·Политика
Муцунски во Дубаи: иднината им припаѓа на државите кои инвестираат во поврзаност и отпорност

Во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на Форумот на идни глобални лидери, во рамки на сесијата „Trade in a Changing World“.

Поврзаност, отпорност и партнерства

Муцунски во своето обраќање укажа дека институционалната архитектура на меѓународната трговија, создадена во 20‑тиот век, треба да се прилагоди на предизвиците на 21‑виот век и на растечката геоекономска конкуренција. Тој повика и на самоиспитување за тоа што секоја држава може да направи за заедничка модернизација на системот: "Кога постојат оние што го доведуваат во прашање сегашниот модел, а ние сме загрижени поради тоа, мора да погледнеме и кон самите себе и да се запрашаме што можеме да направиме за да го модернизираме системот во наша заедничка корист", истакна Муцунски.

Министерот стави посебен акцент на односот меѓу отвореноста, безбедноста и отпорноста и порача дека иднината на глобалната трговија не треба да се поставува како избор меѓу отвореност и безбедност. "Мора да ја направиме отвореноста побезбедна. Отпорноста во никој случај не значи изолација", порача Муцунски.

Како клучни елементи за успех тој наведе инвестирање во поврзаност, отпорност и партнерства: "Нашето цврсто уверување е дека државите што ќе успеат во следните пет, десет, петнаесет или дваесет години нема да бидат оние што ќе изградат најголеми ѕидови, туку оние што ќе изградат најотпорни мостови", нагласи министерот. Тој посочи дека за Северна Македонија тоа значи инвестиции во Коридорите VIII и X, развој на патна и железничка инфраструктура и диверзификација на енергијата, додавајќи дека енергетската независност е предуслов за економски развој и инвестиции во индустриите на иднината.

Во однос на улогата на помалите економии, Муцунски подвлече дека нивната предност не е во големината, туку во тоа што можат да бидат сигурни и предвидливи партнери: "Големите економии се натпреваруваат преку обем. Малите економии се натпреваруваат преку доверливост", истакна тој.

Одговарајќи на прашањето за меѓузависноста и влијанието на глобалните конфликти, министерот предупреди дека последиците не се ограничени само на директно вклучените држави. "Првата жртва на секој конфликт е човечкиот живот. Втората жртва е економскиот просперитет – не само на државите вклучени во конфликтот, туку и пошироко, затоа што нашите синџири на снабдување и трговски рути се силно меѓусебно поврзани", истакна Муцунски. Тој заклучи дека одговорот на глобалните промени не е изолација, туку поголема поврзаност, модернизација на меѓународниот систем, инвестирање во отпорност и поефикасна мултилатерална соработка.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи