МВР и ФБИ разбија онлајн пазар OVLX, пријавен 20-годишник од тетовско
Платформата OVLX нудела над 1 500 украдени пристапни акредитиви; поднесена е кривична пријава против 20-годишник од тетовско.

Министерството за внатрешни работи (МВР), во координирана истрага со американското Федерално истражно биро (ФБИ), соопшти дека разбило нелегален онлајн пазар за продажба на украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал.
Во соопштението се наведува дека платформата се појавувала под името OVLX, а како администратор е пријавен 20-годишниот Е.А. од тетовско. Против него Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово за компјутерска измама, злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија.
Опсег на платформата и докази
Според досега обезбедините докази, пријавениот дваесетгодишник од Голема Речица во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата, чии главни корисници биле кибер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви. Во периодот во кој функционирала платформата, на неа биле понудени над 1 500 украдени пристапни акредитиви.
„Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн група под името „ONEMILI“ на комуникациската апликација „Телеграм“. Преку оваа група биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање парични средства“, се вели во соопштението.
Од МВР додаваат дека пријавениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца, за што се поднесени соодветни пријави пред обвинителството.
Институцијата оцени дека ова е прва заедничка координирана кибер-операција со ФБИ, што, според МВР, ја потврдува важноста на меѓународната полициска соработка во откривањето и сузбивањето на современите облици на организиран компјутерски криминал.
Фото: МВР


