Почетна
Македонија

МВР подготвува кривична пријава за полицаец по тепачката во Сарај

Двете момчиња ќе бидат повикани да ги препознаат напаѓачите, пријавата ќе се достави до Обвинителството најдоцна за 24 часа.

·Македонија
МВР подготвува кривична пријава за полицаец по тепачката во Сарај

Министерството за внатрешни работи подготвува кривична пријава во која ќе биде опфатен најмалку еден полициски службеник по нападот врз двете момчиња од скопски Сарај, а жртвите попладнево ќе бидат повикани во полиција за да ги препознаат членовите на полицискиот тим. Пријавата, како што беше соопштено, ќе биде доставена до Обвинителството најдоцна во рок од 24 часа.

На социјалните мрежи се прошири снимка од настанот која го прикажува насилството и се поклопува со изјавите на момчињата дека откако биле извадени од возилото и врзани со лисици, полицајците почнале да ги тепаат.

Неофицијално, интервенирал полициски тим од мешан етнички состав; клучниот осомничен полицаец е Албанец, а и двете жртви се Албанци, поради што етничката припадност ја исклучуваат како мотив. Сликата на постапување, велат полициски извори, е во контекст на дојава за транспорт на дрога од Тетово кон Скопје.

Од владејачката партија „ВРЕДИ“ ги искажаа своите загрижености поради употребата на прекумерна сила и побараа одговорност доколку се утврди вина, по што ги критикуваа обидите на опозицијата ДУИ да му даде етничка позадина на случајот.

-Очекуваме темелна, непристрасна и транспарентна истрага, која ќе ги расветли сите околности и ќе даде јасни одговори за постапувањето на инволвираните службени лица. Истовремено, го повикуваме Јавното обвинителство, врз основа на утврдените факти и прибраните докази, да ги преземе сите неопходни мерки во рамките на своите надлежности. Особено загрижува фактот што опозицијата се обидува на еден ваков сериозен случај да му даде етничка димензија и да го искористи за поттикнување меѓуетнички тензии. Двајцата млади момчиња и нивните семејства заслужуваат вистина и правда – велат од „ВРЕДИ“.

Приведувањето и насилството не беа објавени во полицискиот билтен, па точната локација и време не се познати. Според ДУИ, во интерен полициски извештај е наведено дека момчињата му одзеле пиштол на полицаец, додека момчињата тврдат дека пиштолот паднал во нивниот автомобил откако полицајците им го скршиле прозорецот. Внатрешната контрола отвори истрага еден ден по инцидентот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи