Почетна
Македонија

МВР во контрола на 66 кафулиња и казина: затекнати малолетници и непријавени работници

На контролните акции на 17 и 18 октомври 2026 утврдени се повеќе прекршоци, вклучително и нелегални игри во Кичево.

·Македонија
МВР во контрола на 66 кафулиња и казина: затекнати малолетници и непријавени работници

Министерството за внатрешни работи спроведе координирани контроли во 66 угостителски објекти и казина на 17 и 18 октомври 2026 година, при што беа констатирани низа неправилности, меѓу кои присуство на малолетници по полноќ и непријавени работници.

При претресите биле затекнати четири малолетни лица во еден угостителски објект по полноќ, а во два објекти било утврдено точење алкохол на малолетници. Исто така, е затекнат обезбедувач кој работел без лиценца и без легитимација, а во еден објект бил нарушен јавниот ред и мир. За прекршување на Законот за заштита од пушење се изречени три глоби.

Претрес и заплена во Кичево

Во Кичево полицијата изврши претрес на локација каде незаконски се приредувале игри на среќа, при што биле затекнати две лица и одземени предмети поврзани со случајот. Од МВР информираат дека „по целосното документирање ќе следува соодветна пријава”.

Во акцијата учествуваа Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство. Инспекциските служби утврдија неправилности поврзани со непријавени работници, работење без потребни одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност и промет во девизи, како и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита. За утврдените неправилности беа преземени соодветни мерки и санкции.

Полициските служби легитимираа 38 лица, извршија преглед на 61 лице и едно патничко возило, а го утврдија идентитетот на 31 лице. „МВР продолжува со засилени и координирани контроли во угостителските објекти и казината, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија, доследно почитување на законите и поголема безбедност на граѓаните”, се наведува во соопштението. МВР најавува дека проверките ќе продолжат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи