МЗТ Скопје со нов спонзор: „Алта Банка“ стапува до клубот
МЗТ Скопје ја претстави соработката со „Алта Банка“, со јасни амбиции за АБА2 и настап во ФИБА Европа купот.

МЗТ Скопје ја претстави новата спонзорска соработка со „Алта Банка“ пред почетокот на сезоната во која ќе настапува на три фронта – во домашното првенство, во АБА2 и во ФИБА Европа купот.
На денешната прес-конференција клубското раководство ја оцени соработката како доказ за зголемена поддршка и за сериозноста на проектот што МЗТ го гради во изминатиот период.
Цели и приоритети
Претседателот на Управниот одбор на МЗТ Скопје, Никола Трајчевски, го истакна долгорочниот карактер на партнерството и благодари на банката. "Радува фактот што една компанија што во својот корпоративен идентитет ја има кошарката на регионално ниво ја препозна амбициозноста на МЗТ Скопје. Благодарност до луѓето од Алта Банка за склучената соработка. Додаваме уште една сериозна компанија која е подготвена да ги следи амбициите на МЗТ, не само во оваа сезона, туку и на долг рок.
Секако, приоритетна амбиција останува влезот во АБА1 лигата преку освојување на АБА2, со што следната сезона би имале евролигашки екипи овде во Скопје", истакна Трајчевски.
Од „Алта Банка“ велат дека партнерството не е само деловен потпис, туку израз на желба за поактивно вклучување во заедницата. "Би сакал да изразам задоволство што денеска ја потврдуваме соработката со МЗТ Скопје, клуб кој има силен печат во македонската кошарка. Алта Банка како банка што се развива и гради силно присуство во македонското општество сака да биде активен дел од заедницата во која работи.
Улогата на една компанија не завршува само со услугите што ги нуди. Важно е да се поддржат силни иницијативи, младите и спортот, но и организациите кои ги обединуваат луѓето. Во МЗТ препознавме таков клуб", изјави членот на Управниот одбор на „Алта Банка“, Стефан Николиќ.
Фото: прес-материјал од настанот


