На ГАК новороденче му отсечен дел од прст при отстранување на инфузијата
Новороденче старо две дена се здобило со повреда при отстранување на инфузијата на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

Сериозен инцидент на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје резултирал со повреда на прстот кај новороденче старо само две дена — при обид да му се отстрани инфузијата, дел од прстот бил отсечен и бебето веднаш било пренесено на Клиниката за детска хирургија каде било оперирано.
Таткото, Аднан Азизи, раскажа дека настанот се случил во моментот кога семејството се подготвувало да ја напушти болницата и дека медицинскиот тим употребил ножици додека се обидувале да ја отстранат инфузијата.
„Ми се јави сопругата да дојдам да ги земам од болница. Ги средивме сите документи и додека чекавме да ни го донесат девојчето, се обиделе да му ја отстранат инфузијата, која била прицврстена со леплива лента и завој. При обидот да ја отстранат инфузијата со ножици, му го пресекле прстот“, изјавил Азизи.
Потврда и постапки во клиниката
Од ГАК потврдија дека настанот се случил на 16 ноември. Според нив, веднаш по констатирањето на повредата бил повикан детски хирург и новороденчето итно било префрлено на Клиниката за детска хирургија за понатамошно лекување.
Случајот е евидентиран и пријавен како несакан настан, а бил разгледан и од страна на Комисијата за квалитет. За случајот е закажан и состанок на Дисциплинската комисија со цел да се утврдат фактичката состојба, околностите под кои е предизвикана повредата и евентуалната индивидуална одговорност.
„Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи. Безбедноста на пациентите, особено на новороденчињата, останува наш апсолутен приоритет, а институцијата ќе постапува транспарентно, одговорно и во согласност со утврдените процедури“, соопштија од ГАК.
Внатрешната истрага треба да даде одговор на прашањето како дошло до ваков сериозен пропуст при постапување со новороденче и дали биле почитувани сите протоколи за безбедност на пациентите.
Фото: пекселс


