На почетокот на учебната година: слаби оценки, помалку ученици и први таблети во македонското образование
Министерката Весна Јаневска признава лоши резултати на тестирањата, најави тековни мерки и годишни покачувања на платите за наставниците.

На почетокот на новата учебна година македонското образование се соочува со речиси исти проблеми како и претходно: слаби резултати на тестирањата, опаѓање на бројот на првачиња и првите обиди за воведување дигитални алатки во настава.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска потврди дека учениците бележат ниски резултати на домашните и меѓународните тестирања и посочи дека релевантните истражувања на Обединетите нации ги потврдуваат тие наоди. Таа рече дека се преземаат мерки, но дека ефектот од реформите нема да се види веднаш.
Временски хоризонт и договор со СОНК
„Мерките ги преземеме, но јас велам не можеме од денес за утре да ги чекаме резултатите. Резултатите од она што денес го работиме во образованието ќе дојдат најрано по пет-шест години, а оптимално по девет до десет години“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневска посочи и дека е склучен договор со СОНК со кој се гарантираат покачувања на платите на наставниците. „Ние со СОНК склучивме договор во кој им ги гарантираме покачувањата на платите на наставниците, што сметам дека е од исклучително значење. Затоа што претходно имаше потпишувања, спогодби, договори, ќе има, ќе нема, имавме и штрајк. Во овој случај тие се безбедни и не треба да мислат на платите, платите ќе се покачуваат секоја година. Следната година во март повторно ќе бидат покачени платите на наставниците“, додаде Јаневска.
Податоците на меѓународните организации ја илустрираат големината на предизвикот: според наодите на УНИЦЕФ, само 34 проценти го достигнуваат основното ниво по математика. Во меѓувреме, истражувањата покажуваат дека наставниците во земјата се мотивирани, но дека работат со едни од најниските плати во регионот.
Демографијата дополнително го оптоварува системот: од година во година опаѓа бројот на запишани првачиња. Оваа учебна година беа затворени и 26 подрачни училишта — одлука која, според Јаневска, е донесена со цел децата од тие места да добијат подобри услови за учење и поголеми можности за социјализација.
Дигитализацијата полека се пробива во наставата: денеска во ООУ „Љубен Лапе“ беа доделени првите 30 таблети за учениците од четврто одделение. Вештачката интелигенција сè уште не е дел од редовната настава и нејзината имплементација, велат властите, ќе бара дополнителни подготовки.
Фото: прес-материјал од настанот


