На сцена 50 години: Сузана Манчиќ дебитира на „Охрид Фест“
Сезона на прослава: Манчиќ доаѓа во Охрид како специјална гостинка на 33. издание и ќе одбележи 50-годишен јубилеј.

По половина век на сцената, една од најпознатите балкански ѕвезди, Сузана Манчиќ, ова лето за првпат ќе настапи на „Охрид Фест“ и тоа како специјална гостинка на Интернационалната фестивалска вечер.
33. издание ќе биде посебно
Манчиќ, чија кариера од 50 години опфати бројни хитови, телевизиски емисии и актерски улоги, ќе настапи со дуетската песна што ја сними со Ѓоле Боем, а која е дело на македонскиот композитoр Григор Копров. Настапот ќе биде дел од 33. издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“.
„Безброј пати сум била во Македонија, но за првпат доаѓам на ‘Охрид Фест’ и навистина сум многу среќна поради тоа. Песната веќе ја снимивме, а мојот колега постојано ме прашува дали ја вежбам. Не знае со кого си има работа – кога еднаш ќе научам нешто, тоа останува научено“, вели Манчиќ низ смеа.
Охрид одамна зазема посебно место во нејзините спомени: училишни екскурзии, концерти, гостувања и летувања со ќерките. „Во Охрид сум била безброј пати. Моите ќерки и денес се сеќаваат на зборовите ‘благодарам’ и ‘како се викаш?’, кои тогаш ги научија и со насмевка ги изговараат“, открива таа.
Манчиќ раскажува дека многу од тие мигови ги собрала во две автобиографски книги, кои, како што вели, сè уште не се преведени на македонски јазик. Полињето на времето помеѓу настапите ѝ дава можност и да ужива во убавините на градот: средби со колеги, мало возење по езерото и „еден блескав охридски бисер“.
До младите музичари таа упати јасна порака: „Упорност. И само упорност. Популарноста е расиплива стока – денес сте ѕвезда, утре ве нема никаде. Затоа се потребни памет, внимателен избор на песни и соработници, професионалност и постојана работа на себе.“
Неколку дена пред доаѓањето во Охрид, Манчиќ за првпат стана баба. „Имав огромна трема, поголема отколку кога јас се породив. Кога ми јавија дека и бебето и мајката се добро, почувствував неизмерна среќа и гордост. Мојата Теодора стана мајка“, раскажува таа емотивно.
За крај, таа испрати поздрав до македонската публика: „Се надевам дека македонската публика не ме заборавила, а ако ме заборавила – ќе имаме можност повторно да се запознаеме. Голем поздрав до сите! Со нетрпение чекам да се видиме и заедно да запееме!“
Фото: прес-материјал од настанот