Набавка на вакцини против туберкулоза во тек, првите дози за грип пристигнаа
Испораката од јапонски производител се организира преку централното депо на УНИЦЕФ и се очекува во рок од неколку денови; 30.000 дози грип-вакцина веќе се во земјава.

Набавката на новите вакцини против туберкулоза од јапонски производител е во тек и наскоро се очекува да продолжи имунизацијата која беше стопирана откако Хрватска регистрираше четири сомнителни случаи на инфекции на коски кај деца поврзани со производителот кој се користи и кај нас.
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека организацијата на испораката е во тек и дека вакцината ќе се снабдува преку централното депо на УНИЦЕФ.
„Во тек е организација на логистиката. Тие се набавуваат од централното депо на УНИЦЕФ така што се завршуваат деталите се надевам дека многу брзо ќе стигне во Македонија и нема да има проблеми во прекинот колку долго ќе трае паузата"....
Грип: првите дози пристигнаа
Првите 30.000 вакцини против сезонски грип веќе пристигнаа во земјата, а дополнително се очекуваат уште 26.000 дози до средината на ноември. Најпрво ќе се вакцинираат ризичните групи на население.
Дел од лекарите нагласуваат дека треба да се утврди дали четирите сомнителни случаи во Хрватска се поврзани со вакцината; како превентивна мерка, Македонија привремено ја стопираше вакцинацијата против туберкулоза.
Д-р Злате Мехемдовиќ вели дека е важно да се продолжи со имунизацијата за да не се зголеми бројот на тешки случаи, особено кај новороденчињата кои имаат сè уште незреан имунитет. Лани во земјата беа регистрирани 12 деца со активна туберкулоза.
Фото: прес-материјал од настанот


