Началникот на Генералштабот: Вештачката интелигенција влијае, но човечкиот потенцијал останува клучен
На панел во Скопје, началникот на Генералштабот рече дека технологијата не гарантира успех без адаптација и лидерство.

На панел дискусија во Скопје, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашо Лафчиски, оцени дека забрзаниот технолошки развој — вклучувајќи ја и вештачката интелигенција — ја менува природата на современото војување, но дека човечкиот потенцијал и лидерството остануваат клучни за остварување стратешка победа.
Главни заклучоци
„Ако имате импресивен развој на технологијата во еден период, тогаш повеќе од извесно е дека ќе има револуција во начинот на војувањето. Технологијата ја поттикнува револуционерната измена, но адаптацијата, лидерството и човечкиот потенцијал, одржливост и отпорност одлучуваат како прометните ќе се преведат во воена и стратешка победа“, изјави генерал-мајор, Сашо Лафчиски, началник на ГШ на АРМ.
Лафчиски предупреди дека воведувањето на нови технологии ги тера двете страни во конфликтот да се прилагодат и да учат од искуствата на претходните операции. „Во Авганистан и во Ирак, на самиот почеток, во првите месеци и првата година од конфликтот имавме исполнување на сите воени цели, користејќи ја методологијата што беше признаена како екстравагантна од претходната војна. Природата на военото поле се смени поради противникот. Противникот се адаптираше на новите технологии на новата, да речеме, методологија, кој беше користена во претходната војна. Тие учеа од неа“, додаде Лафчиски.
Безбедносниот експерт Зоран Иванов посочи дека во стручната јавност постојат различни оценки дали овие промени треба да се сметаат за еволуција или револуција и дека тоа е прашање на институционален пристап: „Како ние, институциите на државата, и оние кои се засегнати со одбраната и безбедноста да се постават подобро и да ги разберат промените, да дојдеме до соодветен заклучок, каде треба да се промениме, што треба да внесеме институционално, која технологија, бидејќи внесувањето на технологијата не значи само дека ние ќе бидеме многу подобри. Еве да ги имаме најновите супер модели на вештачката интелигенција, не значи дека ќе бидеме подобри“, рече Иванов.
Директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов, ги повика историските анализи да се користат за да се разберат долгорочните трендови: „Како историчар, секогаш сметам дека тоа е една еволуција, еден подолг временски период со кој што државата и сите држави вклучително, да се адаптираат на новите начини на војување. Знаете, технологијата и вештачката интелигенција го прават своето“, смета Панов.
Панел дебатата, која ја организираа Институтот за национална историја и Фондацијата Конрад Аденауер, имаше за цел да го поттикне дијалогот меѓу академската заедница и безбедносните институции за тоа како историските искуства и технолошките новитети треба да влијаат врз идните одбранбени политики.
Фото: прес-материјал од настанот


