Почетна
Македонија

Националната федерација на фармери ја одбележа 15 октомври во Струмица

На 15 октомври министерот Серафимовски најави повик за мерка 115 и мерки за подобрување на социјалната сигурност на жените во земјоделството.

·Македонија
Националната федерација на фармери ја одбележа 15 октомври во Струмица

На 15 октомври Националната федерација на фармери во Струмица го одбележа Меѓународниот ден на руралните жени под мотото „Жените земјоделки‑лидери на одржливото земјоделство и руралниот развој“. На собирот присуствуваа земјоделки од целата држава, а настанот го поздрави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Министерот го посочи податокот од Единствениот регистар на земјоделски стопанства на Министерството: евидентирани се 129.226 земјоделски стопанства и 29.971 жена, од кои 3.918 се помлади од 40 години. Серафимовски потенцираше заложба за поголемо учество на жените во управувањето со стопанствата, развој на сопствени дејности и надминување на стереотипот за земјоделството како „машка професија“.

„-Сакам да информирам дека во пресрет на овој ден, на 13 октомври е објавен повик за мерката 115, поддршка за активен женски член во земјоделското семејство, односно домаќинство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година. Предвидени се од 360 илјади денари по корисник за опрема за преработка и доработка на примарни земјоделски производи за услуги за спроведување на деловниот план. Според условите на повикот може да аплицираат регистрирани стопанства, чиј носител или член е жена. Рокот за аплизирање е до 13 ноември,“ истакна министерот Серафимовски.

Социјална сигурност и надомест за мајчинство

Тој додаде дека, покрај можностите за инвестиции, со мерките се зајакнува и социјалната сигурност на жените земјоделки, и дека со ребалансот на буџетот средствата за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност се зголемени од еден милион на 2,5 милиони денари. „-Програмата предвидува вкупно 100 илјади денари по корисничка за деветмесечен надомест за мајчинство за жените во статус на осигуреник индивидуален земјоделец кој ги исполнува условите. Барањата се поднесуваат до Агенцијата за финансиска поддршка најдоцна до 10 декември,“ подвлече Серафимовски.

Претседателот на Националната федерација на фармери, Стеванче Јорданоски, ја истакна важноста на трудот и посветеноста на руралната жена и повика на дополнителни практични обуки и пристап до пазари покрај државната поддршка. „-Како НФФ забележуваме дека жената земјоделка се уште не е доволно препознанена и нејзиниот труд се уште не е доволно платен. Мерката 115, која тука ја спомна министерот, ја поздравуваме, бидејќи е битна за развојот на нашите земјоделки, за земјоделските стопанства и секако за развој на руралните средини. Покрај овие финансиски поддршки од државата, битно е да имаме и други практични обуки за жените земјоделки, нови знаења и пристап до пазари со цел да зајакнат економски и да го развијат својот бизнис,“ рече Јорданоски.

На настанот се обратија Рита Колумбина, постојана координаторка на Обединетите нации во нашата држава; Лоло Дарин, раководител за развојна соработка на Амбасадата на Шведска; Кристина Митиќ Арсова, национален координатор на програмата и проект‑менаџер на FAO; и Сашо Ангеловски, национален менаџер на We Effect за Европа. Следеше панел‑дискусија на тема „Од ресурси до резултати: Како да обезбедиме еднаков пристап до знаења и иновации на жените земјоделки“. На настанот беа доделени признанија на четири успешни жени земјоделки и на една локална граѓанска организација за нивниот придонес во зајакнувањето на руралните жени.

Земјоделката Трајанка Златковиќ од село Пепелиште, неготинско, го опиша најголемиот проблем: сигурниот пласман на производството. „-Со упорност и макотрпна работа се живее од земјоделство, но и жените да бидат упорни да можат да ги користат фондовите. Јас прозведувам бостан, домати, модар патлиџан, тутун, тикви, ореви. Годината на почетокот беше тешка, посебно во поглед на пласманот, но сега е добро,“ рече Трајанка.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи