Почетна
Македонија

Над 700 пријави од студентите – правата постојат на хартија, решенија нема

Платформата „Студентарија“ во шест месеци пријави преку 700 поплаки за оброк, домови, превоз и испити.

·Македонија
Над 700 пријави од студентите – правата постојат на хартија, решенија нема

За само половина година на платформата дигитален студентски глас „Студентарија“ пристигнале повеќе од 700 пријави од студенти, кои се жалат на низа системски и практични проблеми — од неусогласен студентски оброк до доцнење на стипендии и лоши услови во домови.

Најчестите области наведени во пријавите се: несоодветен студентски оброк според инфлацијата, недостаток на основни услови во студентските домови, доцнење со исплата на стипендии, отсуство на бесплатен јавен превоз за студентите од приватните универзитети, зголемување на цените на меѓуградскиот превоз и проблеми поврзани со испити и професорите.

Барања и забелешки од платформата

Од „Студентарија“ побаруваат усогласување на вредноста на оброкот со инфлацијата и мерки за да се спречи студентите да го губат тоа право поради неажурирани податоци од студентските служби. Дополнително, платформата бара објавување на бодовите при прием во домови и поголема транспарентност при оценувањето на испитите.

„Кога ќе ги ставиме сите овие шест области за кои зборував можеме да дојдеме до еден заклучок, а тоа е дека правото постои на хартија. Институцијата која е надлежна и треба да реагира исто така постои на хартија, процедурите кои треба да се следат исто така се само на хартија. Меѓутоа решение за студентските проблеми нема“, рече Гоше Николов, платформа „Студентарија“.

Платформата исто така укажува на нееднаквоста во пристапот до погодности меѓу градовите: „Дискриминаторски е студентите во Скопје да имаат бесплатен јавен превоз, а оние во Тетово, Битола, Штип и Охрид да не го имаат тоа право. Исто така тоа треба да важи и за студентите на приватните универзитети. Ние како студентарија редовно сме во контакт со студентските домови, универзитетите и МОН, но апелираме јавната служба да си ја извршува работата бидејќи тие се задолежни за тоа“, рече Александар Николовски, платформа „Студентарија“.

Во текот на изминативе денови станарите на студентскиот дом „Стив Наумов“ реагираа поради протекување на вода во собите и недостиг на парно греење. Министерството за образование соопшти дека изведувачот ќе ги санира дефектите, но дел од одговорноста ја поврза со постапките на студентите — наведувајќи запушување на канализацијата поради фрлени влажни марамчиња, активирање на аларм поради заборавена храна во вклучена микробранова печка, запалена цигара во соба и отстранет радијатор.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи