Почетна
Свет

Напад на брод близу Романија: Тројца повредени, Букурешт обвинува

Трговски брод под либериско знаме беше погоден во Црното Море, на само 40 километри од романскиот брег, при што екипажот мораше итно да биде евакуиран.

·Свет
Напад на брод близу Романија: Тројца повредени, Букурешт обвинува

Драматичен инцидент се случи во водите на Црното Море кога трговски брод кој пренесувал течен нафтен гас беше погоден во близина на романското крајбрежје. Бродот „Гас Лисабон“, кој пловел под знамето на Либерија на рута од Египет кон Украина, претрпел сериозни оштетувања на околу 20 наутички милји од територијалните води на Романија.

Романските спасувачки екипи реагирале брзо и успешно го евакуирале целиот екипаж од оштетениот пловен објект. Во инцидентот се повредени тројца членови на екипажот, на кои веднаш им била пружена медицинска помош. За да се спречи дополнителна катастрофа и неконтролирано движење кое би ја загрозило поморската пловидба, на местото на настанот бил испратен специјализиран брод-тегнач.

Реакција од државниот врв

Романскиот претседател Никушор Дан преку социјалните мрежи го потврди инцидентот, нагласувајќи дека државните институции се во највисок степен на готовност. Тој истакна дека во тек е детална истрага за утврдување на точните причини и одговорноста за овој сериозен напад.

Според првичните проценки на Букурешт, нападот најверојатно е директна последица на тековниот конфликт и руската воена агресија врз соседна Украина. Ова не е првпат војната да се прелее во близина на границите на НАТО и Европската Унија, бидејќи романските власти претходно регистрираа повеќекратно навлегување на воени беспилотни летала во нивниот воздушен простор.

Официјална Москва досега континуирано ги отфрлаше обвинувањата за слични инциденти во близина на романската граница, честопати префрлајќи ја вината на украинските сили или карактеризирајќи ги настаните како намерни провокации.

Поврзани написи