Почетна
Македонија

Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка Битола

Мерата е донесена за да се заштитат средствата на клиентите и да се овозможи промена на сопственоста без нарушување на работата на банката.

·Македонија
Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка Битола

Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола како привремена заштитна мерка со цел банката да продолжи непречено да работи, да се зачуваат имотот и интересите на штедачите и доверителите, и да се овозможи промена на сопственоста без ширење на финансиски нарушувања.

Пораката од централната банка

„Воведувањето привремена администрација е привремена заштитна мерка и не значи затворање на Алта банка АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Алта банка АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Банката е ликвидна, високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди“, велат утринава од Народната банка.

Во периодот на привремената администрација банката ќе продолжи да работи, но привремено се ограничува повлекувањето и преносот надвор од банката за да се спречи масовен одлив на ликвидност. Според централната банка, вчера биле извлечени околу два милиона евра.

Физичките лица имаат неделен лимит за готовински подигања и плаќања со картичка од 10 000 денари, додека внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Правните лица можат да вршат неограничени внатрешни трансфери во рамките на банката, но не можат да префрлаат средства во други банки ниту да повлекуваат готовина од банкомати или шалтери.

„Приливните плаќања од странство преку СЕПА и коресподентно банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство нема да бидат достапни привремено за физичките и правните лица. Штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30 000 евра, согласно законските правила“, информираат од НБРМ.

Народната банка соопштува дека ја следи состојбата континуирано и апелира до граѓаните да не донесуваат одлуки врз основа на непроверени информации, предупредувајќи дека непотребното и масовно повлекување на средства не е во интерес на штедачите. Алта банка АД Битола ќе има затворени експозитури од утре.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи