Почетна
Свет

Насилни протести во Тирана: запален влез на Министерството за земјоделство, има и повредени

Демонстрантите фрлаа молотови и огномет; полицијата одговори со водени топови и солзавец, има повредени и хоспитализирани лица.

·Свет
Насилни протести во Тирана: запален влез на Министерството за земјоделство, има и повредени

Протестите во центарот на Тирана ескалираа во насилни судири со полицијата откако демонстрантите го запалија влезот на Министерството за земјоделство и киоск во близина, а беа оштетени и излози на повеќе деловни објекти.

Огнови и судири на повеќе локации

Собирот првично го организираа пратеници и поддржувачи на опозициската Демократска партија, кои се собраа пред партиското седиште и потоа маршираа кон канцеларијата на премиерот Еди Рама. Околу 14 часот започна и протест на младите на улицата „Драч“, каде демонстрантите фрлаа камења кон Министерството за образование и полициските кордони.

Маскирани лица фрлаа молотови коктели и огномет кон полициските сили и институции. Во текот на протестите бил запален и влезот на Министерството за земјоделство, но пожарот брзо бил ставен под контрола. Демонстрантите палеле канти за отпадоци, кршеле излози, меѓу кои и на банка во областа Васил Шанто, а бил запален и киоск во близина на центарот на Тирана.

Полицијата ангажирала околу 2 000 припадници и употребила водени топови, солзавец, спреј со бибер и гумени куршуми за да ги растера насобраните. Одделни групи фрлале тврди предмети и експлозивни преработки кон полициските кордони.

Во судирите има повредени: еден демонстрант и еден полицаец имаат изгореници. За медицинска помош во болница биле пренесени еден пратеник, четворица демонстранти, еден полицаец и двајца медиумски работници. Меѓу повредените имало и двајца граѓани со рани од гумени куршуми.

Протестите ги поддржаа и наставници, лекари, синдикални организации, претставници на малите бизниси и независниот синдикат за уметност, култура и медиуми, а судирите се проширија од улицата „Драч“ до плоштадот „Скендербег“ и булеварот во близина на канцеларијата на премиерот.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи