Почетна
Спорт

НБА најави инвестиција од најмалку 10 милијарди евра во европски арени

Иницијативата ќе ги модернизира салите, ќе создаде околна инфраструктура и е дел од планот за нова лига во 2027 со 16 клубови.

·Спорт
НБА најави инвестиција од најмалку 10 милијарди евра во европски арени

НБА најави инвестициона иницијатива вредна најмалку 10 милијарди евра, наменета за изградба на нови и модернизација на постојните кошаркарски сали низ Европа, како и за развој на дополнителна инфраструктура околу нив.

Во проектот се вклучени неколку големи светски инвестициски фирми: Apollo Sports Capital, Ares Management, Arctos, Blackstone, HPS Investment Partners, J.P. Morgan, Sixth Street и Stonepeak. Нивната улога ќе биде да обезбедат капитал и да соработуваат со клубовите, сопственичките групи и локалните партнери при реализацијата на инфраструктурните проекти.

Планот не се ограничава само на спортски објекти. В зависност од потребите на градовите, околу арените би можеле да се развиваат станбени и деловни простории, ресторани, продавници и јавни површини, со цел салите да функционираат цела година како центри за спорт, култура и забава, а не само за време на натпреварите.

Лига, формат и потенцијални домаќини

Иницијативата е дел од поширок план поврзан со нова професионална лига што НБА ја подготвува во партнерство со ФИБА, чиј почеток е предвиден за 2027 година. Според досегашните предлози, се разгледува формат со 16 екипи, а меѓу потенцијалните центри се споменуваат Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Мадрид, Барселона, Рим, Милано, Минхен, Берлин, Атина и Истанбул. Засега нема официјално потврдени градови и учесници.

Според студијата на консултантската куќа The Sports Consultancy, на која се повикува НБА, новото натпреварување во првите десет години би можело да придонесе со повеќе од 24 милијарди евра во европската економија, да поддржи речиси 15.000 работни места годишно и да привлече близу 70 милиони гледачи.

„Додека се подготвуваме за започнување на новата лига во Европа заедно со ФИБА, гледаме значајна можност да им помогнеме на клубовите да развијат објекти кои ќе ги надградат традициите на европската кошарка, но истовремено ќе го подигнат искуството на навивачите и ќе привлечат многу повеќе настани“, изјави комесарот на НБА, Адам Силвер. Со оваа најавa се отвораат и прашања за позиционирање на новата лига во однос на веќе постоечката Евролига.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи