Почетна
Македонија

Не работи единствениот државен ПЕТ-скенер, пациентите плаќаат 1.300 евра

Проблем во производството на радиоизотопи и пропусти во превентивно одржување го оставија државниот ПЕТ-скенер надвор од употреба; пациентите плаќаат околу 1.300 евра.

·Македонија
Не работи единствениот државен ПЕТ-скенер, пациентите плаќаат 1.300 евра

Единствениот државен ПЕТ-скенер во Северна Македонија моментално не работи, па многу пациенти со карцином се приморани да ја направат процедурата во приватни клиники каде услугата чини околу 1.300 евра. Не е познат рокот кога апаратот ќе се врати во функционирање.

"Информираме дека се работи за проблем во производството на радиоизотопи. Овластениот сервисер интензивно работи на овој проблем и преземени се сите чекори што поскоро циклотронот да се стави во работен процес. Воедно појаснуваме дека во изминатите години не бил следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, нејзино чистење и замена на маслото на секои 5 години," изјави професор Невена Маневска, директорката на Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ).

Зошто ПЕТ е важен и како се прилагодува здравствениот систем

ПЕТ-скенот се користи за одредување на стадирот на болеста, планирање радиотерапија или хемотерапија, следење на ефектите од терапијата и одредување на местото за биопсија. Со недостапноста на државниот апарат, пациентите или треба да платат високи трошоци во приватните установи, или да бараат алтернативни дијагностички пристапи.

Институтот наведува дека во изминатите години го намалил листите на чекање преку зголемување на бројот на ПЕТ/КТ прегледи на годишно ниво и воведување на нови здравствени услуги. Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија биле информирани за понатамошна тријажа на пациентите со други дијагностички методи додека ПЕТ услугата е суспендирана. Производствениот процес ќе продолжи штом сите дефекти бидат отстранети и бидат запазени сите услови за непречено функционирање согласно протоколите.

Пациентите почнаа да се жалат уште пред еден месец. "Да споделам инфо во врска со ПЕТ-скенот. Во четвртокот кога бев на онкологија го прашав мојот онколог дали почнал со работа центарот за ПЕТ-скен, и добив одговор дека апаратот работел само 3-4 дена пред-минатава недела, и дека се скршил креветот на апаратот, така што немало да работи најмалку до септември а можеби и подолго," напиша пациентка пред еден месец во една од групите за поддршка на пациенти со карцином на социјалните мрежи.

За сега, проблемот ги открива и техничките слабости во производството на радиоизотопи и пропустите во превентивното одржување на критична опрема, што ги остава пациентите во неизвесност и со дополнителни финансиски трошоци за дијагностика која во модерната онкологија се смета за клучна.

Фото: Goleisureintl / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Поврзани написи