Не се знае кога ќе проработи ПЕТ-скенот, листата на чекање за пациенти со канцер расте
Пациентите со канцер остануваат на чекање додека циклотронот што ги снабдува ПЕТ-скенот е во сервис.

Сѐ уште не е познат рокот кога ќе проработи единствениот државен ПЕТ-скен во земјава, а пациентите со онкологски заболувања остануваат на листи за чекање за испитот што ја одредува локацијата за биопсија, го насочува планирањето на терапијата, ја следи нејзината ефикасност и утврдува дали болеста се проширила.
Од Универзитетскиот институт за ПЕТ информираат дека прекинот произлегува од проблем во производството на радиоизотопи и дека овластениот сервисер интензивно работи на отстранување на дефектите. Додаваат дека се преземени сите мерки за да се доведе циклотронот во работен процес што е можно побрзо.
Превентивно одржување и низа технички проблеми
Во соопштението институтот појаснува дека, со цел непрекинат и континуиран работен процес, како и за да се следи протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа — нејзино чистење и замена на маслото на секои 5 години — производствениот процес ќе продолжи штом сите дефекти бидат отклонети и запазени сите услови за непречено негово функционирање како што налагаат протоколите: „Со цел непрекинат и континуиран работен процес, и со цел следење на протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, нејзино чистење и замена на маслото на секои 5 години, производствениот процес ќе продолжи штом сите дефекти ќе бидат отклонети и запазени сите услови за непречено негово функционирање како што налагаат протоколите“ – УИ ПЕТ.
Од институтот посочуваат дека во последните два месеци имале неколку редоследно активни проблеми, но не ги одговорија прашањата кога сервисерот бил известен и кога почнал да работи на санирање.
На социјалните мрежи се појавија поплаки од пациенти и роднини. „Ќерка ми беше директно таму и правеле сервис и рекле до крајот на месецот нема шанси да се направи. Инаку јас чекам веќе 3 пати ме враќаат“, напиша една жена пред три недели. Други јавиле дека прегледот го платиле во приватни болници, каде што чинел 79.500 денари.
Министерството за здравство ја објасни состојбата како последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период и посочи дека сегашното раководство презема конкретни чекори за трајно надминување на проблемот. Министерството рече: „За разлика од претходната пракса на занемарување, ова раководство презема конкретни и континуирани чекори за трајно надминување на проблемот – вклучувајќи активности насочени кон набавка на нова опрема, со цел здравствениот систем повеќе да не зависи од еден единствен апарат. Свесни сме за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин."
Фирмата НЕТ-Електроникс во март годинава го потпишала договорот за редовно сервисирање во износ од околу 218 илјади евра, во траење од една година. Според договорот, фирмата треба да изврши два редовни превентивни сервиси на циклотронот, кој е поврзан со производството на радиоизотопи. До објавувањето на написот, НЕТ-Електроникс не одговори кога биле известени за проблемот, кога почнале да работат на негово санирање и дали откако го добиле договорот извршиле редовен сервис. Инаку фирмата и во 2024 и лани исто така го добила тендерот за сервисирање на ПЕТ-скенот.
Напишаа: Марија Митевска
Дополнителен прилог: Б.С.
Фото: прес-материјал од настанот