Почетна
Македонија

Невладини: Институциите често ги пробиваат роковите за пристап до информации

Агенцијата има 334 жалби од почетокот на годината; просечна активна транспарентност во 2026 е 82%, но 41% од институциите се влошиле.

·Македонија
Невладини: Институциите често ги пробиваат роковите за пристап до информации

Невладините организации предупредуваат дека иако законскиот рок за одговор на барања за пристап до информации од јавен карактер во земјава е најдолг во регионот, практиката покажува дека институциите често не ги почитуваат тие рокови.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер годинава регистрирала 334 жалби од почетокот на годината, изјави директорот на агенцијата, нагласувајќи дека во почетокот на годината имало еден помал застој во работата.

„Во моментот, поднесени се 334 жалби од почетокот на годината. Со тоа што треба да знаете дека ние имавме еден мал застој во почетокот на годината. Во принцип, државните институции го почитуваат правото. Граѓаните знаат меѓутоа не секогаш сите граѓани го користат ова право од едноставна причина што можеби некои од граѓаните не се доволно информирани“, вели Петар Гајдов, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Пратеници и претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи помеѓу заедниците укажуваат дека роковите мора да бидат запазени.

„Роковите мора да бидат запазени. Не е само тоа вие да дадете информација туку таа информацијата мора да биде дадена во рок утврден со закон. А, добро е да биде и предвреме“, вели Љупчо Пренџов, пратеник и претседател на Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците.

Но, мерењата и анализите на невладините организации даваат поинаков приказ: институциите одговараат бавно, рокот од дваесет дена — кој е најдолг во регионот — често се пробива, а дел од барањата остануваат без одговор или се третираат различно во зависност од општината.

„Институциите споро одговараат. Рокот од дваесет дена што го имаме во нашата држава за одговор на барање за слободен пристап е најдолг во регионот и тие и тој успеваат да го пробијат. Затоа и процентот на жалби во овие дваесет години кај агенцијата е на досто високо ниво. Вториот проблем којшто го идентификувавме е молчењето на администрацијата односно игнорантскиот однос на институциите кон определени барања. Не смее да има различен третман на барањата, не смее да има различен третман на граѓаните во зависност од тоа во која општина живеат и да имате различен степен на отвореност на општините како институции на локално ниво, затоа што граѓаните најчесто доаѓаат во комуникација со својата локална средина“, вели Данче Даниловска – Бајдевска од фондација „Метаморфозис“.

Податоците од Индексот на активна транспарентност покажуваат дека просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините за 2026 година изнесува 82% (од максимум 100%), што е за два поена повеќе во однос на минатата година кога изнесувала 80%. Сепак, 41% од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност во 2026 година. Најмалку информации се објавуваат за финансиите, и тоа кај министерствата и кај општините.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи