Почетна
Македонија

Невладините бараат одговорност по новите случаи на насилство врз жени

Три мрежи бараат итна истрага, притвор и законски измени по нападите во Охрид и Битола и по фемицидот во Богданци.

·Македонија
Невладините бараат одговорност по новите случаи на насилство врз жени

Три граѓански мрежи побараа итна државна реакција и одговорност по нови случаи на насилство врз жени во земјата — по нападот во Охрид и обидот во Битола, како и по фемицидот на 17‑годишната Билјана од Богданци. Тие оценуваат дека не станува збор за поединечни настани, туку за системски проблем.

„Уште еднаш јавноста со ужас ги гледа вестите, ги поставува истите прашања и бара одговори од институциите, а кај жените останува стравот дека утре тие можеби ќе бидат следните жртви“, соопштија Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Граѓанските организации истакнуваат дека одговорноста за ваквите случаи е системска, политичка и колективна и произлегува од длабоко вкоренета мизогинија и нееднаква распределба на моќта, во која женската слобода сè уште се третира како нешто за кое одлучуваат мажот, семејството, институцијата или партијата. „Таа одговорност е особено голема кај оние што располагаат со јавни функции, институционален авторитет и медиумски простор,“ наведуваат во реакцијата.

Барања и конкретни чекори

Организациите ги критикуваа и јавните личности кои, според нив, го нормализираат или минимизираат семејното насилство. „Кога премиерот Христијан Мицкоски го нарекува семејното насилство 'мал престап', тој од позиција на највисока извршна власт ја минимизира неговата сериозност,“ стои во соопштението. Посочија и на улогата на верските авторитети, меѓу кои и епископот Јаков, како и медиуми што им даваат простор на „Богоевци“ кои ја оправдуваат контролата врз жените, промовираат „машки надзор“ и поттикнуваат насилство.

За случајот во Охрид побараа на осомничениот итно да му биде одреден притвор; Обвинителството во меѓувреме побара од Судот токму таква мерка. Бараат и да се испита улогата на сите лица за кои постојат наводи дека учествувале во насилството, му помагале на осомничениот, го прикривале настанот или вршеле притисок врз жртвата, сведоците, здравствените работници и институциите, како и да се проверат наводите за семејно влијание и да се утврди соодветна одговорност.

Во врска со Битола, реагираа со барање за итно пронаоѓање на осомничениот и јавно утврдување на околностите и пропустите што му овозможиле бегство од полициската станица низ прозорец; бараат дисциплинска и, доколку има законски основи, кривична одговорност за полициските службеници и нивните претпоставени. Се предаде 24‑годишниот битолчанец осомничен за семејно насилство, кој претходно избега низ прозорец од полициска станица. Организациите исто така бараат целосна проверка на институционалното постапување пред фемицидот во Богданци.

Покрај итните истраги, Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бараат координирана и долгорочна заштита за жените изложени на ризик, правна и психосоцијална поддршка, усвојување на неопходните законски измени согласно стандардите на Истанбулската конвенција, санкционирање на сите што јавно го оправдуваат насилството или дискриминацијата врз жените и професионално медиумско известување.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи