Невладините во Северна Македонија бараат шест мерки и рок до 10 декември по седум фемициди
Мрежите испратија писма до пратеници и државни функционери за законски измени, буџет и побрза заштита на жртвите.

Невладини организации во Северна Македонија бараат конкретни институционални мерки по регистрираните седум фемициди од почетокот на годината и им поставија рок на носителите на јавни функции да известат за преземените чекори до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.
Шест барања до институциите
Мрежата за заштита од дискриминација испрати лично адресирани писма до пратениците, членовите на Владата, премиерот и претседателката на државата, со цел да се испочитуваат шест конкретни барања за подобрување на превенцијата и заштитата од насилство врз жените.
Невладините предупредуваат дека декларативната поддршка и симболичните кампањи не се доволни ако не бидат следени со законски измени, прецизни процедури и навремена заштита за жртвите. Тие најавија дека ќе ги повикуваат функционерите јавно во текот на кампањата и ќе ги потсетуваат на нивните законски обврски, преземените ветувања и досегашните постапувања.
Во барањата се наведува полицијата да реагира веднаш при непосредна опасност, зајакнување на заштитата на децата, создавање законска основа за електронско следење на сторителите и задржување на признавањето на родово базираното насилство во законската рамка. Дополнително бараат конкретни рокови и одговорности по собраниската надзорна расправа, унапредување на пакетот од осум закони и обезбедување седум милиони евра годишно од државниот буџет за специјализирани услуги и поддршка на жртвите низ државата.
Претставници на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост посочуваат и на растечките форми на дигитално насилство: онлајн закани, уцени, демнење и споделување интимни содржини без согласност се кривични дела, а одговорноста е кај сторителот, не кај жртвата.
Јавниот притисок се зголеми по протестниот марш во Скопје на 25 ноември, каде учесниците носеа транспаренти со пораки „Не е љубов ако те убива“, „Не е трагедија, фемицид е“ и „Не сте свесни колку сме бесни“ и побараа пратениците најдоцна до 10 декември да усвојат мерки со кои фемицидот ќе биде строго санкциониран.
Меѓународните податоци што ги цитираат организациите го илустрираат обемот на проблемот: „Повеќе од 47.000 жени и девојчиња, или приближно пет на секој час, биле убиени од нивните интимни партнери или членови на семејството во светот во текот на 2025 година“, покажува извештајот на Обединетите нации. Според извештајот на УНОДЦ и „ОН Жени“ (ноември 2026), од вкупно 78.000 фемициди во светот во 2025 година, 60 % (околу 47.000 жени и девојчиња, или 129 дневно) биле убиени од интимен партнер или близок роднина; највисока стапка бележи Африка (2,9 на 100.000 женско население), а Европа е на 0,5. Податоците на Евростат за 2023 година покажуваат просек во ЕУ од 4 случаи на милион жители, додека меѓу земјите со повисоки стапки се Латвија (17 на милион), Литванија (10 на милион) и Северна Македонија (6 на милион). Во Северна Македонија во 2026 година беа регистрирани седум случаи на фемицид.
„Со седум фемициди од почетокот на годината, нема повеќе простор за декларативна поддршка, симболични активности и одложување на одлуките. Оваа година, наместо да ја подигаме свеста на жените за насилството што секојдневно го живеат, бараме одговорност од оние кои имаат обврска да ги заштитат“, наведуваат од организацијата.
Даниела Трпчевска-Зафировска
Фото: прес-материјал од настанот


