Никола Роквиќ го посети родното Крушево на Тоше Проески — пречекан од мајката и сестрата
Пејачот со бендот обиколи делата на Тоше Проески, постави „Игри без граници“ во позадина и јавно ѝ се заблагодари на неговата мајка и сестра.

Познатиот српски пејач Никола Роквиќ престојуваше во Крушево заедно со своите музичари и ја посети Спомен‑куќата посветена на Тоше Проески, а дел од доживувањето го објави на својот Инстаграм профил.
Видео од музејот и јавно благодарење
Во објавеното видео се гледа како Роквиќ со голема почит разгледува изложените фотографии, награди и сценска гардероба на Тоше, додека во позадина е поставена култната песна „Игри без граници“.
„Денеска со моите музичари го посетив Крушево, местото од каде потекна најдобриот глас што чекорел на овие простори… Благодарен сум им на пријателите на Тоше, на неговата сестра и мајка кои нè угостија! И ништо не е залудно, можеби нам понекогаш само така ни се чини, како во загатка, како во огледало… Љубовта никогаш не престанува!“, напиша Никола во описот на објавата на социјалните мрежи.
Според описот на пејачот, тој и неговиот бенд биле топло пречекани од мајката и сестрата на Тоше како и од неколку блиски пријатели, што ја направило посетата посебно емоционална.
Гестот предизвика голем број позитивни реакции — објавата собра илјадници лајкови и коментари од следбеници од Македонија и целиот Балкан кои истакнуваа дека ликот и делото на Тоше остануваат незаборавни.
Фото: прес-материјал од настанот


